Есенска навигација за млади

Септември, месец на нови почетоци, транзиции и одлуки. Почеток на учебна година, како за учениците, така и за студентите. Најтежок период за првачињата и за бруцошите. Денови кои го одбележуваат почетокот на академските предизвици, личниот развој и кариерата. Често момент кој ги тера младите во Северна Македонија да направат одлука помеѓу својата земја, односно преселување во Скопје и заминување надвор или воопшто да не се запишат на факултет. Ваквите притисоци на осумнаесет годишен млад човек ги продлабочуваат менталните предизвици дилемите и ги отежнуваат одлуките за иднината.

Оваа сезона на потенцијал, често поттикнува чувство на притисок и анксиозност. Романтичната идеја за нов почеток понекогаш може да создаде нереални очекувања, што доведува до чувство на несоодветност и страв од неисполнување на сопствените амбиции.

Она што е реално сценарио кај бруцошите е борбата со себе – Дали се доволно добри ако се запишат на факултет во нашата држава? Дали факултетите тука ќе им овозможат светла иднина? Дали по завршувањето на образование ќе има каде кариерно да се реализираат? Затоа што во Македонија немаме кариерно насочување и не се точно познати потребите кои ги имаме на пазарот на труд. Секоја година се креираат повторливи кадри со што го презаситуваме пазарот на труд во одредени области. Поради ситуацијата – „Дали за мене ќе има работа после факултет“ и зголемените трошоци за завршување на високото образование, се повеќе млади одлучуваат да не го завршат високото образование или воопшто да не се запишат! Одлучуваат да работат на интернет, да бидат номади и да се доусовршуваат неформално.

Во континуитет нашата држава следејќи се само себе си како структура и водејќи се од привиденија, не ги препознава потребите на младите, туку води политики кои веќе се застарени! Се уште немаме законски регулации за лицата кои работат на интернет, иднината не им е загарантирана затоа што не е решено прашањето за придонеси и никаде овие лица ги нема во системот!

Ако ја земеме за пример Србија (што ние ретко сакаме да учиме кога станува збор за успешен и добар пример), моментално таа е држава која континуирано инвестира во дигитални вештини кои се потребни за одржување на растот на нејзиниот ИТ сектор. Со унапредување на образовните програми и стручната обука во области како што се развој на софтвер, наука за податоци и сајбер-безбедност, Србија гради квалификувана работна сила способна да ги поттикне иновациите и да одговори на еволутивните потреби на технолошката индустрија. Српската Влада започна сеопфатна стратегија за модернизација на својата дигитална инфраструктура и промовирање на развојот на најсовремените технологии. Оваа иницијатива вклучува значителни инвестиции во брзо поврзување на интернет, центри за податоци и паметни технологии.

Со една реченица кажано Србија одговара на потребите на модерното време! Одговор што ние во државата го немаме и за брзо нема да го добиеме. Завршуваме факултети за кои нема работни места, континуирана повторлива грешка која ствара јаз во понудата и побарувачката на пазарот на труд. Грешка која никој не се обидува да ја навигира во успех.

Останува непознато што ни треба, а добро е познато што младите сакаат. За да немаме млади кои анксиозно и депресивно чекаат дома за работно место кое што не е потребно на пазарот на труд, денес ќе се запрашаме две прашања:

  1. Кој го прави јазот на пазарот на труд?
  2. И дали ова е наша општествена дупка или парализирана иднина која на некого му одговара?

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни