Оваа ерупција е прва историски потврдена активност на вулканот Крашениников по повеќе од 600 години, изјави Олга Гирина, водителка на тимот од Институтот за вулканологија и сеизмологија кој го следи вулканскиот појас на Камчатка. Според неа, последниот познат случај кога овој вулкан исфрлил лава датира од 1463 година, со можност за одстапување од околу 40 години. Оттогаш, нема регистрирано друга ерупција на овој вулкан.
Гирина истакна дека временската близина помеѓу земјотресот и активирањето на вулканот Крашениников не е случајна и укажува на потенцијална поврзаност. Минатонеделниот силен потрес го наруши тектонскиот баланс во регионот, а тоа, според неа, може да ја поттикнало ерупцијата. Инаку, истата се случи само неколку дена откако се активира и Кључевској – најактивниот вулкан на полуостровот.
По ерупцијата, руското министерство за итни ситуации преку својата канцеларија во Камчатка соопшти дека е забележан обемен облак од пепел што се издигнал на висина до 6000 метри. Овој облак се движел кон источниот правец, односно кон Тихиот океан, но засега не претставува закана за населените места, бидејќи во неговата траекторија нема населби.
„Ситуацијата внимателно се следи, а локалните воздушни и безбедносни служби се во состојба на подготвеност“, се вели во соопштението на министерството објавено на каналот Телеграм. Вулканот Крашениников се издига на 1856 метри надморска височина и до сега бил сметан за неактивен, со многу малку податоци за неговото минато вулканско однесување.
Сеизмичката активност во регионот се зголеми по катастрофалниот земјотрес од средата, кој доведе до меѓународни предупредувања за цунами. Иако сериозни последици од самиот потрес беа избегнати, неговото влијание врз геолошката стабилност на полуостровот станува сè поочигледно.
Институтот за вулканологија издаде т.н. „портокалов авијациски код“, што укажува на значително зголемен ризик за воздушниот сообраќај во регионот. Овој тип на известување се користи кога има активна ерупција со потенцијален ризик за авионите што минуваат во близина, особено ако пепелниот облак се искачи на голема надморска висина и се рашири над фреквентни воздушни коридори.
„Иако ерупцијата засега не претставува закана за локалното население, нејзиното значење е од глобален карактер поради влијанието врз авијацијата и потенцијалната врска со сеизмолошката нестабилност“, додаде Гирина во објава на Телеграм каналот на Институтот.