Според историски анегдоти, првите форми на колбаси можеби потекнуваат од времето на римскиот император Нерон, чијшто готвач, по име Гај, случајно открил дека празните црева на свињите можат да се наполнат со мелено месо и зачини – и така, наводно, бил создаден првиот колбас.
Колбасот потоа го пронашол својот пат до Германија, каде што станал основа на локалната кујна. Германците развиле безброј верзии – од франкфуртери до винервурсти – и ги сервирале со пиво, сенф и зелка. Иако и Франкфурт и Виена тврдат дека го измислиле предокот на модерниот хот-дог, едно е сигурно: токму германските имигранти го донеле во САД во втората половина на 19 век.
Во 1860-тите, во Њујорк, винервурстите се продавале од колички на улиците. Но, пресвртот што го трансформирал хот-догот во американска институција доаѓа со Натан Хандверкер – еврејски имигрант од Полска. Во 1916 година, откако заштедил 300 долари работејќи на тезга на Кони Ајленд, Хандверкер отворил свој штанд – Nathan’s Famous – и почнал да продава хот-догови за половина од цената на конкуренцијата.
Со текот на времето, хот-догот станал симбол на американската култура. Во текот на Големата депресија, се проширил низ земјата како достапна и вкусна храна. Дури и на државно ниво, стекнал признание – кога претседателот Франклин Рузвелт во 1939 година го угости кралот Џорџ VI од Велика Британија, неговата сопруга Елеонор Рузвелт вклучила хот-догови во менито за пикникот. На крајот, кралот бил воодушевен – и побарал уште еден.
Денес, и покрај модерните верзии со најразлични додатоци, хот-догот останува симбол на едноставност и традиција – храна со богата и изненадувачки интернационална историја што го поврзува античкиот свет со современата улична култура.
Извор: History