ЕК да преземе акција против тутунот, бараат министрите за здравство

Во писмото до комесарот за здравство Оливер Вархеји, министрите за здравство од 12 земји ја повикуваат Комисијата да ја засили својата борба против тутунот и новите никотински производи.

Во писмото, од 21 март, министрите за здравство од Белгија, Естонија, Финска, Франција, Ирска, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Словенија и од Шпанија, на иницијатива на Холандија, ја изразуваат својата загриженост за зголемената употреба на нови никотински производи кај младите, прекуграничната продажба на далечина и одговорноста на социјалните медиуми.

„Ве охрабруваме да преземете брза и решителна акција за да го заштитите здравјето на нашата младина и да создадете генерација без чад до 2040 година“, се повикува во писмото.


Тие, исто така, го доведуваат во прашање доцнењето на некои од клучните антитутунски иницијативи презентирани од Комисијата, како што се Директивата за тутунски производи и Директивата за оданочување на тутунот, кои според Европскиот план за борба против ракот првично беа планирани за 2022 и 2024 година, соодветно.

„Загрижени сме поради фактот што во блиска иднина нема предвиден датум за ревизии на ажурираниот патоказ“, се вели во писмото. „Ве повикуваме да ги објавите овие законски предлози во 2025 година и да се осигурате дека тие се усогласени“.

Затоа повикуваат да се приоретизираат и да се распределат ресурсите потребни за ревизија на европското законодавство за контрола на тутунот и вклучување на сите нови и идни тутунски и никотински производи.

Министрите за здравство сметаат дека овие одложувања се особено штетни „имајќи го предвид пазарот на тутун и никотински производи кои брзо се развиваат“.

Во однос на употребата на нови никотински производи, министрите повикуваат на развој на законодавство на ЕУ за да се намали атрактивноста на е-цигарите и другите нови никотински производи. Според писмото, ова треба да вклучува ограничувања на вкусовите, нивото на никотин и пакувањето.

Ова е особено насочено кон заштита на децата, заедно со нивниот повик да се спречи пристапот до овие производи на интернет.

Во писмото се наведува дека онлајн продажбата и прекуграничната трговија на тутун и производи од никотин ги поткопуваат националните напори за ограничување на пристапот до овие производи и се бара од Комисијата да усвои предлози за ефикасно справување со предизвиците и проблемите поврзани со прекуграничната продажба на далечина во рамките на земјите-членки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни