„Бевме како Северна Кореја на Европа“
Рама не се штедеше кога зборуваше за своето детство во комунистичка Албанија. „Живеевме во тотална изолација, Европа беше мит на телевизија.“ Со оваа реченица, тој ги натера студентите во Бриж да ја видат Албанија како парадигма: од бункер-држава во срцето на Балканот, до земја што денес има отворено 28 од 33 поглавја во ЕУ преговорите. Драстичниот контраст добро звучи во сала полна со аплаузи, но дома јавноста сè уште ја гледа истата бирократска тромост и нерешена корупција.
„Демократија не е само слобода – тоа е владеење на правото“
Во стил на политички професор со уметнички бекграунд, Рама потсети: демократскиот систем не е само да гласаш, туку да имаш судство што функционира, институции што гарантираат правичност и општество каде правилата важат за сите. Звучи како Ted Talk во Брисел, но и како огледало за Тирана – таму каде што токму владеењето на правото е најслаба карика. Рама умее да држи лекции во Европа, но на домашен терен уште треба да покаже дека лекциите ги практикува.
„Unity is not a luxury. It is survival.“
Со оваа реченица, Рама ја фати суштината на моментот. Во време на руска агресија, климатски кризи и глобална поларизација, Европа нема луксуз на поделби. Единството е услов за опстанок, порака што звучи моќно и визионерски. Но тука повторно останува прашањето: ако Европа треба да биде единствена, дали Балканот – со сите свои поделби – навистина е подготвен да даде пример? Фраерски слоган на говорница, но на Балканот единството уште е ретка птица.
Рама во Бриж изигра како европска рок-ѕвезда со политичка агенда: искрен, самокритичен, со метафори што оставаат трага. „Северна Кореја на Европа“ – тоа е темниот старт. „Демократијата е владеење на правото“ – тоа е пораката. „Единството е опстанок“ – тоа е лекцијата. Но зад оваа реторичка кореографија се крие суровата вистина – Албанија не е ни приближно таму каде што се претставува во салите на Европа. Камерите го сакаат Рама, но граѓаните чекаат да го видат истиот фраер и дома.