Еден ден во бегалскиот камп во Адана

Местово и луѓево се заборавени од Господ, само да знаеш, беа зборовите со кои ми беше накратко опишано какво е тоа место и во кои услови живеат тие луѓе.

Патувајки скоро 1 час од Адана, возејки се покрај огромни плантажи за портокали,конечно пристигнавме во кампот. Не знаев што да очекувам, немав никаква претстава за тоа како изгледа и каде воопшто пристигнувам. Местово и луѓево се заборавени од Господ, само да знаеш, беа зборовите со кои ми беше накратко опишано какво е тоа место и во кои услови живеат тие луѓе.

Станува збор за бегалски камп во Турција блиску градот Адана, кој се наоѓа во близина со сириската граница и е еден од многуте такви низ целата држава. Во Турција има околу 3 милиони сириски бегалци, повеќе од било која друга држава.

Ова се последиците на 13 годишната граѓанска војна во Сирија, која е една од поголемите хуманитарни катастрофи во блиската историја. Започнува со масовни протести против режимот на  Башар Ал Асад, симултано со протести во повеќе држави од блискиот исток во истиот период именувано како Арапска пролет. Со воена ескалација за задушување на протестите, набргу конфликтот прераснува во граѓанска војна меѓу двете страни, едните поддржани од НАТО и нивните сојузници од околните држави а другите од Русија и Иран. По одреден период ситуацијата прераснува во политички многу хаотичен контекст каде се издвојуваат субгрупи и влијанија од различни страни.

И ете, овие луѓе се заробени во некоја меѓузона на место во кое владее хаос, нивните домови и родни места, разрушени од последиците на војната и слободниот свет каде можат да прават и да бидат третирани како рамноправни државјани. Соочени со нешто што е многу поголемо од нив, соочени со политиката без тие да имаат никаква моќ да влијаат врз проблемот.

Имаат привремени дозволи за работа на плантажите за портокали па така заработуваат можеби и повеќе од кога работеле во Сирија. Имаат пристап до интернет, имаат смартфони и до некаде имаат релативно нормален секојдневен живот. Многу од сириските бегалци илегално имигрираат во државите на Европската Унија, а некои  одат дури до Канада, но патот до таму за нив е многу ризичен и скап и е патување до некаде, до некое место, до некое замислено општество каде можеби таму ке можат да изградат подостоен живот од оној од кој избегале.

Повеќето од луѓето се таму речиси 10 години, а некои се и таму родени па за поинаков живот воопшто не знаат. Во еден импровизиран дом бев почастен чај, па така гостопримливо бев пречекан од две жени со коишто ,така со поглед, со пантомима, со насмевка се разбирав, па го повикаа синот со кој иако многу тешко, се разбирав преку онлајн преведувач. Ми кажа колку му недостига  домот и животот што го имал таму, и тоа дека од неговиот град се останати само урнатини, па со тоа и неможноста да се вратат во скоро време . Го прашав што сака од животот, сеприсутно ми беше баш тоа прашање, што сакаат тие од животот ,какви амбиции имаат, сакаат ли да станат доктори, пилоти, режисери колку и да звучи нереално, но тој некако помирен со своите околности ми рече – ништо, едноставно ќе работам на плантажите додека не остарам или додека стане возможно да се вратам дома и да продолжам со животот таков каков што го оставив, кој е се само не тој истиот.

Како што се шетав, лутајки низ малите ,, улички” на кампот, здогледав група деца кои беа доста ентузијастични за нивните летечки змееви што ги прават од прачки и најлони и летаа на зачудувачка далечина. И така, си наоѓаат среќа, игра, забава во услови кои што се се, само не нормални и човечки. Како и скоро сите луѓе на некој начин да беа полни со живот како животот во кампот воопшто да не ги засегаше, иако далеку од тоа дека такво нешто може да не ги засега.

Но, што јас со нив, со тоа. Што ти како читател можеме да направиме и дали треба воопшто нешто да направиме, на крајот од денот, јас заминувам од кампот а ти читаш некоја нова приказна, некоја нова судбина, катастрофа, со која немаме никаква директна причинско последична релација едноставно тоа е, можеме малце да почувствуваме некое елемантарно основно човечко сочуство и да продолжиме со животот. И најинтересно е тоа што живееме во свет, светот што го знаеме, што е модернизиран и софистициран како најнов економски, социјален, политички модел со огромен технолошки напредок, а неколку граници кон исток ,светот, цивилизацијата паднала во бездната на најлошата страна на човековата природа, во безредието на војната, во константо убиство и соочување со најбедните судбини.

фото: Иво Велчевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни