ЕБОР и ЕУ одвојуваат 377 милион евра за дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со поддршка на Европската Унија изработи програма „Go Digital“, вредна 377 милиони евра, наменета за дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан со цел поттикнување на иновациите и растот во приватниот сектор. 

Програмата ќе ги нуди овие средства за малите и средни претпријатија од регионот на Западен Балкан преку заеми, грантови и техничка помош за инвестиции во дигитализација, автоматизација и зелени технологии. 

Како што е предвидено, ЕБОР ќе додели заеми во износ до 350 милиони евра на партнерски финансиски институции од регионот на Западниот Балкан, кои потоа ќе позајмуваат средствата на малите и средните претпријатија. Бизнисите ќе имаат можност да корист и стимулации за грантови во износ од 10 отсто од сумата на заемот, финансирани од ЕУ. Севкупно, ЕУ ќе обезбеди 27,6 милиони евра грантови и техничка помош за програмата преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ). 

Програмата се надоврзува на успешната пилот програма во Босна и Херцеговина, преку која со инвестиции беа поддржани речиси 200 локални компании.  

Според управниот директор во ЕБОР, Френсис Малиџ оваа програма има за цел да ги покрие технолошките празнини и значително да ја унапреди дигитализацијата на малите и средни претпријатија на Западниот Балкан, овозможувајќи им да станат поиновативни, попродуктивни и поконкурентни на глобално ниво.  

Заменик-шеф на делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Адебајо Бабаџиде, пак оцени дека со лансирањето на оваа регионална иницијатива, Европската унија ја потврдува својата силна поддршка за малите и средни претпријатија, како столб на економиите во регионот.  

– Преку оваа програма, околу 750 бизниси ќе добијат витална поддршка за иновации, дигитализација и прифаќање на зелените технологии. Иницијативата се надоврзува на успехот на нашиот пилот проект во Босна и Херцеговина вреден 11,5 милиони евра, кој веќе им помогна на над 200 компании да ја подобрат својата продуктивност и конкурентност, изјави Бабаџиде. 

Според него, грантовите не само што обезбедуваат техничка експертиза и стимулации, туку и овозможуваат подостапно финансирањето за малите и средните претпријатија, со посебен акцент на оние раководени од жени.  

– Во комбинација со тековните реформи за подобрување на деловното опкружување, оваа програма го отвора патот за поголем економски раст, издржливост и подлабока интеграција на регионот на единствениот европски пазар, заклучи Бабаџиде. 

Малите и средни претпријатија сочинуваат 99 отсто од сите бизниси во Западниот Балкан и тие играат клучна улога во исполнувањето на целите за дигитална и зелена транзиција. Сепак, многу од нив се соочуваат со проблеми во прифаќањето на дигиталните практики и трансформација, па така нивното ниво на дигитализација е за 20 процентни поени пониско од она на малите и средни претпријатија во ЕУ, само една петтина од нив продаваат онлајн, а помалку од 10 отсто користеле поиновативни дигитални процеси. 

Оваа програма има за цел да им помогне на малите и средни претпријатија од регионот да ја зголемат дигиталната свест и пристапот до финансии. Овие претпријатија ќе можат да аплицираат за финансирање за широк опсег на технологии и инвестиции, од усвојување на автоматизирани и роботизирани индустриски процеси, па до користење на сложени дигитални алатки за одлучување, собирање и анализа на податоци. Кредитната линија ќе биде достапна во повеќе од 10 регионални финансиски институции – банки и лизинг компании – партнери на ЕБОР. 

Се очекува програмата да придонесе за подобрување на социо-економските услови во регионот и за зајакнување на врските со Европската Унија. Од 2009 година, ЕУ обезбеди 628 милиони евра за поддршка на растот на приватниот сектор во земјите од Западниот Балкан, преку грантови, гаранции и комбинирани финансии, помагајќи да се изградат поиновативни и попријатни услови за бизнисот. 

ЕБОР, од друга страна, е клучен институционален инвеститор во Западен Балкан со близу 20 милијарди евра инвестирани во регионот од средината на 90-тите години на минатиот век, па до денес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни