Во периодот 2020–2023 година биле евидентирани 6.282 нови жртви на семејно насилство, со тренд на пораст. Дополнително, од предвидените 52 активности во Акцискиот план за имплементација на Конвенцијата, реализирани се само 22, додека 30 останале нецелосно спроведени или воопшто не се започнати.
Ревизорите предупредуваат дека недостасува нова Национална стратегија за спречување и заштита од насилство по 2023 година, како и дел од подзаконските акти потребни за целосна имплементација на Конвенцијата.
Недоволен е и капацитетот на засолништата и советувалиштата. Наместо потребни 184 легла, постојат само 67, од кои дел веќе не функционираат. Од 19 планирани советувалишта, воспоставени се 11, а во некои региони нема ниту едно. Центрите за социјална работа се соочуваат со недостиг на кадар и немаат стандардизирани процедури, а дел од здруженијата што нудат специјализирани услуги немаат лиценци.
Податоците на МВР дополнително ја потврдуваат загрижувачката состојба. Во периодот 2018–2023 година регистрирани се 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 91% ги извршиле мажи. Истовремено, 79% од жртвите се жени.
„Соодносот останува непроменет – мажите се доминантни извршители, а жените почести жртви. Тоа покажува дека досегашните мерки за превенција и заштита се недоволно ефективни“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Овој извештај уште еднаш го отвора прашањето: колку навистина државата е подготвена да обезбеди сигурност за жртвите и да стави крај на семејното и родово насилство?