Иако најголемиот дел од храната без проблем поднесува повторна термичка обработка, постојат состојки кои при подгревање ја губат хранливата вредност или развиваат соединенија штетни за дигестивниот систем.
Особено внимание треба да се посвети на начинот на складирање и времето кое поминало од подготовката на оброкот. Стручњаците предупредуваат дека одредени намирници – особено ако подолго време стојат на собна температура – можат да содржат бактерии кои не се уништуваат дури ни со варење.
Две такви намирници, кои често ги чуваме за „подоцна“, всушност не би требало повторно да се подгреваат:
Ориз
Оризот, во сите негови форми, е честа состојка што се подготвува однапред. Но, според бактериологот д-р Стејси Дувенаж, тој може да биде ризичен. Сировиот ориз може да содржи бактерија Bacillus cereus. При варење се уништуваат повеќето бактерии, но спорите од оваа бактерија може да преживеат.
„Ако оризот по варење се остави на собна температура, спорите може да почнат да се размножуваат и да произведат токсини“, вели д-р Дувенаж.
Овие токсини можат да предизвикаат мачнина и повраќање. За да се избегне ризик, оризот треба веднаш да се излади по готвењето и да се чува во фрижидер – но не и да се подгрева повеќе пати.
Спанаќ
Иако е здрав и чест додаток во многу јадења, спанаќот е една од намирниците која не се препорачува да се подгрева. Проблемот не е само во губењето на хранливите вредности, туку и во можноста за развој на нитрити – соединенија кои можат да се формираат при повторна термичка обработка.
Нутриционистите објаснуваат дека природните нитрати во спанаќот можат да се претворат во нитрити, кои пак понатаму можат да создадат потенцијално штетни соединенија.
Иако ризикот е мал ако спанаќот се чува правилно и не се подгрева повеќе пати, најдобро е да се консумира веднаш по приготвувањето или да се јаде ладен – на пример, во салата.