Дванаесет сојузни американски држави во средата поднесоа тужба до Американскиот суд за меѓународна трговија во Њујорк против царинската политика на претседателот Доналд Трамп. Во тужбата се наведува дека трговската политика на САД „сега зависи од претседателовите хирови“, наместо од совесно спроведување на неговите законски овластувања.
„Присвојувајќи си овластувања да по свој избор наметне огромни и постојано променливи царини на било каква стока што влегува во САД, поради каква било причина што тој ја смета за соодветна за прогласување на вонредна состојба, претседателот го урна уставниот поредок и внесе хаос во американската економија.“
Тужителите тврдат дека, според Уставот на САД, само Конгресот има овластување да пропишува даноци и царини, а не претседателот.
Откако ја презеде функцијата, Трамп најави низа далекусежни царини на увозот, што предизвика турбуленции на берзите и финансиските пазари. На почетокот на април, тој објави дека САД наметнува општи царини од најмалку 10% на целиот увоз во земјата, плус дополнителни давачки за бројни трговски партнери.
Иако многу од планираните царини се суспендирани за 90 дена за да се овозможат трговски преговори, специјалните царини до 145% остануваат на сила за кинеска стока. Пекинг возврати со царини до 125% на американски производи.
Тужбата е поднесена од сојузните држави Орегон, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Ново Мексико, Њујорк и Вермонт – сите со демократски гувернери – како и републиканските држави Аризона и Невада.
Тужителите бараат судот да ги поништи царините со образложение дека „Претседателот нема овластување самоволно да наметнува царини како што направил во овој случај“.
Минатата недела, сојузната држава Калифорнија поднесе посебна тужба против Трамповите далекусежни посебни царини на федералниот суд.
Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), сеопфатните американски царини и одмаздничките мерки доведуваат до пораст на глобалниот јавен долг.
И самите САД трпат последици од Трамповите потези.