Дрим во криза – Загадувањето го загрозува целиот речен систем

Фото: Dean Lazarevski, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Црн Дрим, кој истекува од Охридското Езеро и тече низ Струга, се соочува со сериозно загадување, што предизвикува загриженост за квалитетот на водата, биодиверзитетот и јавното здравје. Отпадот од урбаните средини, индустриските испуштања и непречистената канализација ја деградираат реката, која служи како клучен извор на вода за пиење и наводнување.

Системот на реката Дрим, кој се протега низ Северна Македонија, Косово и Албанија, доживува зголемено загадување, пишува BalkanInishgt. Пластичен отпад, текстил и индустриски истек се акумулираат покрај бреговите, додека дивите депонии продолжуваат да се прошируваат. Во Косово, Белиот Дрим, некогаш познат по својата чиста вода, сега е загаден со непречистена канализација и видлив отпад.

„Водата некогаш беше исправна за пиење, но сега е полна со ѓубре“, вели Радивоје Красиќ, рибар од Гораждевац.

Во Албанија, извештаите го истакнуваат присуството на штетни метали како што се кадмиумот и олово во делови од долината на реката Дрим, кои претставуваат сериозни здравствени ризици. Во меѓувреме, големите инфраструктурни проекти, вклучително и хидроелектричните брани, го променија природниот тек на реката, намалувајќи ги наслагите на седименти и предизвикувајќи навлегување на морската вода во слатководните екосистеми како што е лагуната Куне-Ваин. Експертите предупредуваат дека тековното загадување и лошото управување со животната средина може да имаат долгорочни последици за целиот регион.

И покрај еколошките прописи, спроведувањето останува слабо. Во Македонија, системот за третман на отпадни води во Струга е несоодветен, што дозволува нетретиран отпад да влезе во Црн Дрим. Општинските власти наведуваат финансиски ограничувања и бирократски предизвици, додека локалните активисти бараат построги казни за загадувачите.

„Риболовот во овие услови треба да престане“, рече струшкиот активист Ндерим Положани за BalkanInsight, нагласувајќи ја опасноста од конзумирање риба од загадените води.

Додека независните иницијативи за чистење отстранија тони пластичен отпад од реката, долгорочните решенија бараат посилни политики и подобра координација меѓу владите. Експертите за животна средина ја нагласуваат потребата од итни инвестиции во управувањето со отпадот, построги регулативи и зголемена свест за заштита на системот на реката Дрим од понатамошна деградација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни