Финскиот Врховен управен суд во мај оваа година донесе пресуда според која доставувачите што работат за платформи како Wolt се вработени, а не самовработени лица. Ова е преседан кој формално не обврзува други земји, но јасно укажува на правецот во кој се движи европското законодавство кога станува збор за правата на платформските работници.
Основата на пресудата била зависноста на доставувачите од Wolt, односно фактот дека нивната „самостојност“ како претприемачи била фиктивна и служела како параван за прикривање на класичен работен однос. Неколку дена по пресудата, Wolt најави дека во Финска на доставувачите ќе им понуди директни, договори за вработување на неопределено време – без посредници.
„Нашите доставувачи можат да изберат што им одговара“
„Очекуваме моделот на самовработување да остане доминантен во Финска, но сакаме да понудиме и модел на вработување. Нашите доставувачи ќе можат да изберат што најмногу им одговара,“ изјави директорот на Wolt за Северна Европа, Јоел Јарвинен, за финската јавна телевизија Yle.
Тој додаде дека според интерни истражувања на компанијата, околу 70% од доставувачите не сакаат работен однос, туку ја претпочитаат флексибилноста. Сепак, од сега, Wolt ќе мора да понуди можност за вработување на секој што тоа го сака.
Тоа значи дека за доставувачите ќе се плаќаат сите законски придонеси и осигурувања, ќе имаат право на платен одмор и боледување, како и право на колективно преговарање.
И хрватските доставувачи бараат исти права
Исти такви права бараа и доставувачите на хрватскиот Wolt на протест што се одржа во јули оваа година. Многумина од нив се странци вработени преку агрегатори, што дополнително ја ослабува нивната преговарачка позиција.
„Бараме Wolt да стане директен работодавач, а не да соработува преку агрегатори. Wolt веќе има доставувачи што работат со фиксна плата и работно време. Зошто тоа да не важи за сите?“, изјави Надер Вахеч од иницијативата Wolt Rewolt за Index во јули.
Wolt Хрватска тврди дека повеќето нивни доставувачи не сакаат договор за работа, туку флексибилност. Но, на нивната официјална веб-страница јасно е наведено дека доставувачите нема да бидат вработени во Wolt, туку дека мора да отворат сопствен бизнис или да се вработат преку посредници – агрегатори.