Со Никица Кусиникова, извршна директорка „Конект“, разговаравме за општествената одговорност на поедниците и копаниите кои и со мали донации прват големи промени. Ако општествената одговорност е една од темелните вредности на општеството, каде е македонското општество во таа приказна? Високо на скалата горе, ќе каже Никица. Луѓето и компаниите сакаат да донираат само им се потребни алатки коишто им овозможуваат да донираат забавно, лесно, со полна доверба и да бидат сигурни дека кога ќе ја дадат донацијата дека таа ќе заврши на вистинското место и дека вистински ќе се реализира. Минатата година преку „Конект“ донирале 900 поединци и 68 компании. Многу убави приказни произлегуваат од нивата работа, а една од нив е онаа на организацијата „Бравура Кооператива“, што работи на интеграција на лица со попреченост, кои благодарение на „Конект“ пристапиле до локална компанија „Брегал“, од Делчево и добиле електричен автобус прилагоден за лица со попреченост. Денес тој автобус да се користи зас ите деца со попреченост во Делчево, како превозно средство за децата да може без потешкотии да стигнат на училиште и да посетуваат настава.
Трн: Kолку донациите од бизнис секторот и граѓаните прават промени? И лични кај примателите на тие донации и генерален импакт во општеството како целина? Со тоа што се менува јавната свест?
Никица: Донациите било да се од граѓаните, било да се од компаниите, можат да остварат огромно влијание во општеството, да поместат, да потуркаат некои процеси, да интервенираат таму каде што државата можеби затаила или пак не го покрива како интерес на граѓаните. Донациите овозможуваат да живееме во општествена благосостојба, во општество на слободи, без оглед колку ќе се донира. Важно е тие донации да ги здружуваме за да го окрупнат своето влијание. Секој граѓанин, секоја компанија, без оглед на тоа со какви ресурси располага, може да биде дел од тоа солидарно и хумано општество.
Волонтирањето е уште еден важен аспект. Тоа е донирање на свое време, искуство во доброто на заедницата. Кога се вклучуваме на тој начин, ние исто така градиме општество на активни граѓани. Градиме општество каде што луѓето не седат и се жалат како владата, градоначалникот не направиле нешто, туку сфаќаат дека има нешта кои што можеме самите да си ги направиме.
Значајно е да се активираме, колку и да сме зафатени, можеме да донираме било во живо на некој настан, преку краудфандинг платформа, додека седиме во кафуле со пријатели и на тој начин се активираме и стануваме дел од позитивните промени. Кај нас се најпопуларни, најактуелни донациите за лекување, каде што реално ние како луѓе компензираме за недостатокот на здравствениот систем. Преку тие донации директно се влијае врз здравјето на луѓето кои што тие донации им се потребни, на кои што лекувањето им е потребно. Меѓутоа, ние работиме со многу организации што на долгорочен начин, преку донациите успеваат да ги извлечат луѓето од сиромаштијата. На пример, да им овозможат на луѓето да најдат работана тој начин на долг рок да ги решат проблемите. Затоа е важно донациите да се насочат кон граѓанските организации кои прават темелни промени во животот на луѓето.
Трн: Работите на многу проекти . Кажете ни каков е импактот од нив. Какви се промените на терен?
Никица: Во Конект ја препознавме моќта што донациите можат да ја имаат во едно општество. Нашите истражувања докажаа дека кај нас постои потенцијал, граѓаните сочуствуваат, се донира и постои таа хумана димензија којашто кај некој е поизразена, кај некој треба да се разбуди. Конект креира можности за донирањето да биде секојдневие, но донаторите, било индивидуални или корпоративни донациите да ги планираат, да размислуваат за нивното влијание и да ги здружуваат за најсилен ефект. Во тоа им помагаме со советување и низа можности.
Посебен фокус на работата на Конект се вклученоста во одржливиот развој и одговорноста на компаниите. Во Клубот на одговорни бизниси им помагаме на компаниите да развијат едни нови, различни бизнис практики преку кои се грижат и преку својот бизнис да ги намалуваат негативните влијанија врз животната средина, врз луѓето, врз заедницата. Нашите програми на бизнисите им овозмоуваат да ги максимизираат позитивните ефекти што ги имаат врз општеството.
Трн: Колку се нашите компании и поедници расположени за филантропија? Ја развиваме ли јавната свест на она ниво на кое треба?
Никица: Па можам да кажам дека во првите 10 години, најголемиот дел од работата ни беше да ја градиме свеста зa важноста на филантропијата и како таа да одигра развојна улога во општеството. Во последните години, благодарение на партнерството со УСАИД преку проектите, „Партнерства за донирање“ и „Здружи се за заедницата“ го зголемиме опфатот. Изградивме алатки коишто им овозможуваат на луѓето да донираат забавно, лесно,со полна доверба, да бидат сигурни дека кога ќе ја дадат донацијата дека таа ќе заврши на вистинското место и дека вистински ќе се реализира тоа што е кажано. Минатата година, преку нашите активности сме имале околу 900 граѓани кои што донирале, преку различните активности кои што ние сме ги овозможиле во 32 граѓански организации и 68 компании. Нас ни е многу важно да постигнеме масовност. Сите можат да да се вклучат и да ја искусат радоста на донирањето. Во нашата работа со бизнисите нудиме можност да бидат дел од убавите приказни во Клубот на одговорни бизниси каде што компаниите се здружуваат заеднички да направат нешто, да ги здружат ресурсите за решавање на некои развојни проблеми како образование, животна средина, здравство и слично. Имаме веќе поголема заедница на компании кои се посветиле тоа да го прават долгорочно и се посветиле заеднички да ги буткаат овие позитивни промени, да покажат дека и компаниите можат да бидат двигатели на позитивни промени во општеството.
Трн: Можете ли да ни раскажете неколку конкретни приказни за тоа како општествената одговорност ги менува животите на поединците?
Никица: Имаме многу убави примери од пракса. Еве ќе дадам пример од Делчево, помала заедница. Поддржувавме и ја менториравме организацијата „Бравура Кооператива“,што работи на интеграција на лица со попреченост. Им помогнавме да пристапат до локална компанија „Брегал“, од Делчево за донација. Низ разговорот со компанијата, тие идентификуваат, компанијата самата понуди електричен автобус, што го имала, кој што е прилагоден за лица со попреченост, меѓутоа не го користеле. И го даде како донација на здружението. За здружението тоа беа огромни ресурси. Тој автобус беше од некоја вредност од најмалку 8000 евра. Ние им помогнавме, пристапивме до ЕВН, направија електрични приклучоци во Делчево за да може да се напојува тој електричен автобус, а потоа организацијата одлучи тој автобус да не го користи само за своите корисници, за своите активности, туку да го даде на располагање и на сите деца со попреченост што одат на училиште. Тој автобус да се користи како превозно средство за децата да може без потешкотии да стигнат на училиште и да посетуваат настава. И на тој начин се креираше една многу убава приказна и е убав показател како со малку и заеднички може да направиме значителни промени во животот на луѓето. Имаме успешен пример ако зборуваме за проблематиката на лица со попреченост и образование, здружението „Ајнштајн“ со една IT компанија изработија заедно плагин и фонд за дислексичари. Македонски фонд. Бидејќи такво нешто не постоеше, лицата кои што се соочуваат со дислексија имаат потешкоти во читањето. Многу едноставно, повторно, со скромни ресурси, се направи огромна промена во животот на тие лица. Промените се и на страната на тие што донираат. Во соработка со ЕВН, пред неколку години реализиравме програма за корпоративно волонтирање, каде што преку 600-тини вработени од компанијата самите идентификуваат работи кои што сакаат да ги подобрат во заедницата. Парк за миленици, лулашки во некоја населба, да се возобнови осветлувањето во рурални училишта. 30 години таму децата немале светло по ходниците. Волонтерите со минимални средства успеаа да ги направат и со рециклирани материјали успеаа да ги реализираат тие проекти. Она што беше повратно важно е дека преку 90% од тие вработени прв пат го искусиле волонтирањето. Прв пат ја искусија таа радост да дадеш свое време да се вложиш во нешто од кое што ти немаш личен бенефит. И сите искажаа спремност да тоа го повторуваат. И дури и бараат да бидат вклучени во повеќе такви активности. На тој начин ја градиме таа култура и свест во општеството што сакаме да ја постигнеме.
Трн: Која е за вас лично најубава приказна на Конект?
Никица: Мислам дека кај нас во Конект најомилен ни е донаторскиот кружок. 5 години по ред правиме крауд-фандинг настан во живо. Каде што околу 100- тина граѓани се собираат, на секој кружок ни се претставуваат 3 организации во 5-6 минути, кои што ги избираме на отворен повик, секој има пристап да се претстави на кружокот и потоа за тие три организации донираме и ги здружуваме нашите донатори. Се вклучуваат и деца, буквално имаме граѓани од 5 години до 75 години кои доаѓаат на кружокот, од година во година веќе можам да кажам дека трикратно ни се зголеми износот на донации што успеваме да го собереме. Исто така годинава имавме 150 луѓе, почнавме со 80- тина, сега веќе 150 граѓани и компании се вклучуваат и таму на тие настани се чувствува таа енергија на еден позитивен дух, на една свест дека и заеднички можеме да направиме многу. На пример, од годинашниот кружок ќе дадеме поддршка да се возобнови старо руинирано училиште во село Лакочереј во Охридско, да се претвори во младински центар, кај што младите од руралните средини ќе имаат свое катче да креират, да свират, да учат доколку им е потребно, едноставно да се здружуваат. Ќе поддржиме ромска организација во Шуто Оризари, која што нуди поддршка на жените Ромки жртви на семејно насилство, каде што тие се буквално животниот спас за тие жени и простор каде што може жената да се охрабри и да го пријави насилникот и да ја добие поддршката. И уште една организација „Акција здруженска“ која што работи со жени од рурални средини, која што им овозможува самите жени во руралните средини си го кренат гласот и да побараат од институциите, од општината да им се решат локално некои промени. И прв пат се охрабруваат да одат на маса со градоначалниците и да си побараат одредени потешкотии и проблеми во заедница за да се решат. Тоа е ефект на двачасовен настан на донаторскиот кружок. Каде што луѓето се здружуваат и ја чувствуваат, директно моќта што филантропијата може да ја одигра. Мислам дека сите уживаме во тие настани.
Трн: Ако општествената одговорност е една од темелните вредности на општеството, каде е македонското општество во таа приказна?
Никица: Мислам дека македонското општество сѐ уште целосно не го ослободило тој потенцијал на општествена одговорност. Потенцијалот постои, но ми се чини дека е тоа нормален тек на овие наши транзициски процеси. Луѓето доста беа обременети со основна егзистенција. Компаниите, исто така, особено помалите, се под притисок да опстојат на пазарот и затоа, веројатно, голем дел од граѓаните немале време и можност да делуват проактивно. Затоа, ние преку нашите проекти и иницијативи на луѓето им нудиме лесни начини да ја активираат таа општествена одговорност секојдневно. Сега на есен по втор пат ја водиме националната кампања, „Денови за донирање“, каде што луѓето сами може да се вклучат, на пример, во некоја трка, па да трчаат и да донираат за некаква кауза. Даваме можност преку нашата краудфандинг платформа за паметно донирање „Оп-оп“, граѓаните наместо подароци за своите родендени, свадби и други поводи да донираат за некоја своја кауза штоим е важна. Ние не преферираме одредени теми. Сметаме дека сѐ што е интерес на граѓаните и на компаниите е релевантно. Предизвици има многу, теми има многу, секој може да се пронајде во нешто. Нашата улога е да бидеме мостот помеѓу интересите и потребите на граѓаните како потенцијални донатори и организациите, иницијативите што се случуваат во општеството, преку кои што и се прави промената.