Вредноста на американската валута во однос на корпата валути на клучните трговски партнери опадна за отприлика десет проценти од инаугурацијата на Трамп, што ја поттикна глобалната потрага по побезбедни алтернативи.
Нестабилните економски политики на американската администрација под Доналд Трамп ја разнишаа вредноста на доларот и фрлија сенка на сомнеж врз неговиот долгодишен статус како водечка светска резервна валута, анализира Ројтерс. Во такви околности, еврото се појавува како главен кандидат за преземање на таа улога. Неизвесноста што лебди над трансатлантските односи би можела, парадоксално, да ги отстрани политичките бариери кои досега го кочеле создавањето на клучен безбеден инструмент во еврозоната – еквивалент на сеопфатните американски државни обврзници.
Новата американска администрација влезе во отворен судир со воспоставените економски норми, еднострано започнувајќи трговски конфликти и влегувајќи во судири со судскиот систем, па дури и со Федералните резерви. Високи претставници на Белата куќа јавно го доведоа во прашање придобивките кои САД ги има од статусот на доларот како глобална резервна валута.
Реакцијата на инвеститорите беше брза и одлучна: бегство од доларот. Вредноста на американската валута во однос на корпата валути на клучните трговски партнери опадна за отприлика десет проценти од инаугурацијата на Трамп, што ја поддржа глобалната потрага по побезбедни алтернативи.
Во таа потрага, еврото се наметнува како единствениот сериозен кандидат. Иако за четврт век од своето постоење не успеа да постигне меѓународно влијание што би одговарало на економската сила на еврозоната, нарушената доверба во економската стабилност на САД отвора простор за ново преиспитување. Може ли еврото конечно да ја искористи шансата и да стане вистински глобална валута?
Историјата покажува дека доминацијата на една валута не е правило, туку исклучок. Иако сме навикнати на превласта на доларот, периодите на монетарна мултиполарност, кога за примат се бореле различни валути како британската фунта, американскиот долар, па дури и германската марка пред Првата светска војна – не се реткост.
Се чини дека инерцијата и мрежните ефекти не се толку пресудни како што често се мисли. Наместо тоа, постојат три клучни критериуми што една валута мора да ги исполни за да стекне глобално значење:
Отсуство на контрола на капитал: Странските учесници мора да имаат слободен пристап до валутата за да ја користат во меѓународна трговија и финансии. И доларот и еврото го исполнуваат овој основен услов, додека кинескиот јуан, поради државна контрола на курсот и капиталните текови, сè уште заостанува.
Меѓународна циркулација: Често погрешно се верува дека за ова е неопходен голем дефицит на тековната сметка (како во САД), за да валутата „го преплави“ светот. Меѓутоа, Велика Британија била нето извозник за време на златната ера на фунтата. Клучни се всушност силен, глобално активен банкарски сектор и веродостојна централна банка која влева доверба. Европската централна банка (ЕЦБ) се етаблираше како цврст гарант на стабилноста, а банкарскиот сектор на еврозоната по вкупна актива го надминува американскиот. Сепак, во глобалното прекугранично кредитирање, доларот сè уште убедливо води.
Постоење на безбедна актива: Ова е клучната точка каде што еврото заостанува. Му недостига глобално признаена „безбедна лука“ – актива како американските државни обврзници што служи како темел на финансискиот систем (колатерал, референтна точка за цени, основен инструмент за штедење). Германските државни обврзници (Bund) се безбедни, но едноставно ги нема доволно за да се споредат со обемот на американските обврзници.