Дигитални засолништа: Зошто тинејџерите бираат ВИ наместо вистински пријатели?

Константното добивање пожелни одговори од ВИ „пријатели“ може да создаде илузија дека постои општествена поддршка за сопствените ставови, додека всушност станува збор за алгоритамска симулација.

Сè поголемото користење на апликации со вештачка интелигенција како што се CHAI, Character.AI, Nomi и Replika создава нови дигитални социјални простори за младите. Најновото истражување на организацијата Common Sense Media, спроведено во текот на април и мај 2025 година, открива дека американските тинејџери сè почесто ги користат овие ВИ платформи како виртуелни пријатели – за разговори, емоционална поддршка, па дури и романтични интеракции.

Истражувањето покажува дека над половина од испитаниците ги користат овие апликации барем неколку пати месечно, додека секој десетти тоа го прави секојдневно. Еден од три тинејџери ја користи вештачката интелигенција како социјален придружник, за вежбање комуникација, развој на самодоверба или добивање емпатична поддршка. Повеќе од 80% од нив сепак изјавуваат дека минуваат повеќе време со вистински пријатели, отколку со дигитални. Но, причините зошто се враќаат на АИ алатките откриваат подлабока потреба: „секогаш се достапни“, „не ме осудуваат“, „можам да им кажам работи кои не би ги споделил со семејството“.

И покрај ниското ниво на доверба – половина од испитаниците велат дека не им веруваат на ВИ – интеракциите се интензивни и честопати интимни. Ова води до сериозни ризици, особено поради фактот што една четвртина од тинејџерите несвесно споделуваат приватни податоци. Според извештајот, платформите имаат широки лиценци кои им дозволуваат трајна употреба и комерцијализација на содржината што ја споделуваат корисниците. Пример е Character.AI, која според условите на користење добива глобално право да ги чува, прикажува, модифицира и користи податоците „за каква било цел“.

Овие наоди отвораат важни прашања за квалитетот на социјалните врски кај младите и за улогата што ја имаат АИ платформите во нивното емоционално оформување. Сè посилен е впечатокот дека вештачката интелигенција обезбедува „безбедна површност“ – комуникација без ризик од одбивање, осуда или конфликт. Но, токму таа леснотија може да ја ослаби способноста на тинејџерите да се соочат со реалните предизвици на вистинските односи.

Иако овие дигитални интеракции наликуваат на разговор, всушност станува збор за псевдокомуникација – без вистинска размена на емоции, без обврска, без последици. АИ одговара брзо, со прилагодена емпатија, без барања. За младите, тоа е привлечно. Но, тоа е и замка. Постои опасност да се изгубат важни социјални вештини: разбирање на емоционални сигнали, носење со конфликти, развивање емпатија.

Кога тинејџерите почнуваат да се потпираат на алгоритамски модели за потврдување на сопствените ставови, се создава илузија на прифаќање, а не реална комуникација. Наместо вистински дијалог, тие добиваат огледало што го рефлектира само она што сакаат да слушнат. Ваквата симулирана интеракција може да доведе до длабока изолација, каде младите изгледаат опкружени со „пријатели“, но всушност се осамени.

Истражувањето на Common Sense Media нуди аларм – не против самите алатки, туку против нивното некритичко прифаќање како замена за човечки контакт. За тинејџерите, најважниот развоен предизвик е градењето на реални, сложени, понекогаш тешки, но вистински односи. Алгоритамскиот свет на АИ не го нуди тоа – тој нуди утеха без длабочина, потврда без предизвик, пријателство без емоционален труд.

Додека АИ може да има корисна улога во одредени ситуации – како поддршка, информирање, едукација – таа не смее да стане главен партнер во растењето. И во иднина, предизвикот нема да биде само како да се користи вештачката интелигенција, туку како да не се изгуби човечноста во тој процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни