Свечено затворање на 48. „Денови на македонска музика“: концерт во чест на Кирил Македонски и Властимир Николовски

Филхармонијата со специјална програма и доделување на традиционалните награди на СОКОМ

Во четврток, 16 октомври, во 20 часот, Големата сала на Македонската филхармонија ќе биде домаќин на свеченото затворање на 48. издание на фестивалот „Денови на македонска музика“. Завршниот концерт ќе им биде посветен на 100-годишнината од раѓањето на композиторите Кирил Македонски и Властимир Николовски, со програма што ги слави нивните најзначајни дела и трајното влијание врз македонската музичка култура.

Под диригентство на маестро Борјан Цанев и со настап на сопранистката Мила Јаневска, Македонската филхармонија ќе изведе дела кои оставиле длабок белег врз историјата на домашната симфониска музика. Програмата вклучува „Симфонија бр. 4“ на Кирил Македонски, како и „Ин модо антико“ и вокално-инструменталниот циклус „По патиштата“ на Властимир Николовски.

Делото на Кирил Македонски (1925–1984) претставува мост меѓу традицијата и современоста. Тој е меѓу првите македонски композитори што успешно ги споиле фолклорните музички елементи со европските модернистички текови, создавајќи препознатлив стил кој ја афирмира националната музичка идиоматика. Неговите симфонии се опишани како „силни, динамични и сигурни во изразот“, а неговиот опус има клучна улога во обликувањето на македонската музичка култура.

Академик Властимир Николовски (1925–2001) е уште еден темел на македонската композиторска мисла. Со над 140 дела од речиси сите жанрови, неговото творештво се одликува со длабочина, инвентивност и богата звучна палета. Инспириран од народната музика, Николовски создава дела со силна експресивност и јасна тематска структура, продолжувајќи ја линијата на големите европски композиторски школи.

Свеченоста ќе биде збогатена и со доделувањето на традиционалните награди на СОКОМ. Наградата „Георги Божиков“ за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во 2024 година ќе им биде доделена на Камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“ и на диригентката Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Наградата „Панче Пешев“ за најзначајни музички достигнувања ќе ја добие композиторката Ана Пандевска за делото „Куклици“.

Завршниот концерт ќе биде и можност за публиката да ги слушне изведбите на двајца извонредни уметници: диригентот Борјан Цанев, познат по својата суптилна интерпретативна естетика и посветеноста на домашната симфониска продукција, и сопранистката Мила Јаневска, која и покрај младоста има изградено блескава интернационална кариера.

Влезот за концертот е слободен, а организаторите очекуваат оваа вечер да биде достоен завршеток на фестивалот кој речиси пет децении ја афирмира македонската композиторска сцена и нејзиниот идентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни