Делови од Мјанмар по земјотресот станаа урнатини: Низ градот се шири мирис на смртта

Делови од Мјанмар се претворија во урнатини по разорниот земјотрес што го погоди регионот минатиот петок. Според официјалните податоци на воената хунта, досега загинаа над 2000 луѓе, додека бројот на повредени надмина 4000. Најтешко погоден е градот Сагаинг, во близина на епицентарот, каде што спасувачките тимови се соочуваат со огромни предизвици во извлекувањето на загинатите.

Град без живот: „Се шири мирис на смрт“

Во Сагаинг владее хаос – улиците се исполнети со урнатини, а голем број луѓе останале без покрив над главата. Според очевидци, воздухот е тежок од мирисот на смрт, додека крематориумите во блискиот град Мандалеј се преоптоварени и не можат да се справат со бројот на загинати.

Дваесет и тригодишна девојка, која побара да остане анонимна и се претстави само како Ј., за Би-Би-Си изјави дека нејзината тетка била извлечена од урнатините дури два дена по земјотресот. „Оние што преживеаја, живеат во очај. Јас и моето семејство едвај спиеме, бидејќи земјата сè уште се тресе“, раскажува таа.

Најпогодени се децата. „Не сакаат да се вратат во куќите. Скоро сите жители одлучија да спијат на улиците додека не се смири ситуацијата“, додава Ј.

Проблеми со спасувачките операции и недостиг на ресурси

И покрај напорите на спасувачките екипи, помошта пристигнува бавно, а хуманитарните организации предупредуваат дека состојбата во погодените области се влошува. „Спасувачките тимови работат без престан веќе четири дена и се исцрпени. Но, поради разурнатоста и недостатокот на ресурси, едноставно е тешко да се одговори на оваа катастрофа на ефикасен начин“, вели еден од волонтерите.

Сведоштво од Мандалеј: Град во мрак и без надеж

Дописник на Би-Би-Си кој стигнал во Мандалеј, град во близина на епицентарот, сведочи за тешката ситуација: „Кога влеговме во градот, беше целосно во мрак – без струја, без вода за пиење, а пристап до тоалети речиси и да немаше. Хотелите беа преполни, па моравме да спиеме во автомобил. Во текот на ноќта почувствувавме нов силен потрес, по што решивме да побараме засолниште во блискиот манастир.“

Тој додава дека интернетот бил недостапен, а комуникацијата со остатокот од тимот била речиси невозможна. Дури во утринските часови, по првата обиколка на градот, новинарите ја согледале вистинската размер на катастрофата: „Мандалеј е град во урнатини.“

Разурнувања и во Тајланд, трагедија во Бангкок

Земјотресот погоди и делови од Тајланд, каде што досега загинале најмалку 20 лица. Особено трагична е ситуацијата во Бангкок, каде што се урна висококатница во која загинаа 13 луѓе. Спасувачките тимови и натаму работат на извлекување на заглавените под урнатините, но властите предупредуваат дека повеќе не можат да детектираат знаци на живот.

Неизвесна иднина за преживеаните

Иако спасувачките операции продолжуваат, сè помалку се шансите да се пронајдат преживеани. Во Мјанмар и Тајланд се забележани десетици последователни потреси, што дополнително ја отежнува ситуацијата.

Хуманитарните организации апелираат за итна меѓународна помош, бидејќи жителите на погодените области се соочуваат со сериозен недостаток на храна, вода и медицинска помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни