Делегацијата на Европската Унија во Скопје се јави со реакција на социјалните мрежи по свирепото убиство на Росица Нацева и нејзиниот татко.
„Го ссудуваме тоа што на 15 септември, денот кога се одбележа 30-годишнината од Пекиншката декларација и платформа за акција како пресвртница во унапредувањето на правата на жените, уште една жена во Македонија стана жртва на фемицид“ се наведува во реакцијата.
Оттаму, додаваат дека оваа трагедија не е изолиран инцидент туку ги отсликува празнините во системот.
„Институциите мора да делуваат одлучно, да истражуваат детално и да обезбедат секоја пријава на насилство врз жена да е проследена со вниманието кое го заслужува. На оваа симболична годишнина, ја обновуваме заложбата направена во Пекинг пред три децении: да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата и да се гарантира нивното право на сигурност, достоинство и еднаквост“ наведуваат од Делегацијата на ЕУ.
Вчера во Скопје се одржа мирен протест пред Министерството за внатрешни работи и пред Собранието во знак на револт по убиството на Росица од нејзиниот бивш партнер, кој иако неколку пати бил пријавуван сепак продолжувал да ја малтретира и да ѝ се заканува на својата поранешна партнерка.

Граѓаните од пред МВР и од пред Собранието порачаа дека системот мора да дејствува поорганизирано и поефикасно во заштита од родово базирано насилство.
Граѓаните на протестот под мотото „Ниту една повеќе“ оценија и дека убиството на Росица е само последниот трагичен пример за тоа што се случува кога полицијата и судскиот систем не ги почитуваат протоколите за заштита.