Протеини се клучен дел од здравата исхрана, помагајќи во изградбата и опоравувањето на ткивата, поддршката на растот на мускулите и одржувањето на силен имунолошки систем. Сепак, познато е дека во животот треба да се биде умерен во сѐ, така и во внесот на протеини, бидејќи претераноста може да има последици.
Дневните потреби за протеини зависат од неколку фактори, вклучувајќи возраст, пол, ниво на активност и здравствена состојба. Диететичарката Триста Бест за Eating Well објаснува дека дневната количина на протеини зависи и од тоа дали имате повеќе седечка или активна животна состојба.
„Возрасните лица треба да внесуваат околу 0.8 грама протеини по килограм телесна тежина дневно, додека активните возрасни лица можат да имаат потреба од еден до 1.2 грама по килограм. Спортистите или оние кои сакаат да зголемат мускулна маса треба да имаат цел од 1.2 до два грама по килограм“, тврди Бест.
На тема прекумерна консумација на протеини и влијанието врз телото се направени истражувања, а едно објавено во списанието Food & Function сугерира дека редовното консумирање повеќе од два грама протеини по килограм телесна тежина може да биде претерано и да предизвика „проблеми со варењето, бубрезите и крвните садови“, пренесува Eating Well.
Но, овие проблеми не се единствените што се поврзуваат со прекумерната консумација на протеини. Диететичарката издвојува шест најчести показатели на кои треба да се обрне внимание.
Постојано сте жедни или дехидрирани
Еден од првите знаци на прекумерен внес на протеини е постојаната жед. „Високиот внес на протеини ја зголемува потребата на телото за вода за да се отстрани вишокот на азот, нуспроизвод на метаболизмот на протеините“, тврди Бест. Ако постојано чувствувате жед или имате суво чувство во устата, тоа може да биде знак дека телото премногу работи за да ги процесира дополнителните протеини.
Хроничната дехидрираност може да доведе до проблеми со бубрезите, намалување на енергијата и нарушување на телесните функции. Затоа е важно да останете хидрирани ако следите високопротеинска диета, односно да пиете доволни количини течности низ целиот ден.
Имате чести дигестивни проблеми
Надуеност запек или гасови може да бидат последица на исхраната богата со протеини. Бест објаснува дека „проблемите со варењето често настануваат кога луѓето даваат предност на протеините на сметка на храната богата со влакна, како што се овошје, зеленчук и целозрнести житарки. Недостатокот на влакна го забавува варењето, што доведува до гастроинтестинална нелагодност, па дури и долгорочни нерамнотежи во цревата.“
За да ги спречите овие проблеми, осигурајте се дека вашата исхрана вклучува намирници богати со влакна како овес, праз, бобести плодови, махунарки и банани за да го поддржите здравото варење и цревната флора.