Според проф. Дороти Бенет од Универзитетот „Сент Џорџ“ во Лондон, „секое изложување на УВ зраци, особено доколку се добие изгореница, го зголемува ризикот од појава на рак на кожа“. Најопасниот облик – меланомот – е веќе петтиот најчест тип на рак во Велика Британија. УВ зраците ја оштетуваат ДНК-та на клетките и предизвикуваат и предвремено стареење на кожата, појава на брчки и опуштање, како и проблеми со видот – вклучувајќи катаракта.
Што е УВ индекс?
УВ индексот (UVI) е меѓународна мерка за интензитетот на УВ зрачењето. Вредностите се движат од 0 па нагоре, а колку е бројот поголем – толку побрзо и поинтензивно може да настане оштетување на кожата.
Според Светската здравствена организација:
- 1–2: низок ризик, заштита не е неопходна
- 3–5: умерен ризик, препорачана е заштита
- 6–7: висок ризик, неопходна е посилна заштита
- 8–10: многу висок ризик
- 11+: екстремно висок ризик
Децата се особено чувствителни и треба да бидат заштитени дури и при пониски нивоа на УВ зрачење.
Како да се заштитите од штетното УВ зрачење?
Според препораките на британскиот Национален здравствен систем (NHS):
- Престојувајте во сенка помеѓу 11:00 и 15:00 часот (од март до октомври).
- Носете лесна, заштитна облека и очила за сонце.
- Користете крема за сончање со заштитен фактор 30 или повеќе и најмалку 4 ѕвезди UVA заштита.
- Нанесувајте ја редовно, според упатствата.
- Не заборавајте критични делови од телото како носот, слепоочниците и горниот дел од градите.
- Бебињата и децата секогаш треба да бидат целосно заштитени.
Просечно, возрасен треба да нанесе околу 6 до 8 лажички крема за целото тело.
Дали има безбедно поцрнување?
Според NHS – не постои безбеден или здрав начин да се поцрни. Кожата произведува меланин (пигмент) како обид за самозаштита, но таа природна заштита е слаба и еквивалентна на заштитен фактор 4. Значи, дури и потемнета кожа може брзо да изгори.
Дали можете да изгорите дури и кога е облачно или ветровито?
Да. Количината на УВ зрачење не зависи од температурата – облачното време не е гаранција дека нема да изгорите. УВ зраците лесно продираат низ тенки облаци.
Треба ли да се грижат луѓето со потемна кожа?
Да. Иако потемната кожа изгледа како да нуди заштита, таа не е секогаш доволна. Според дерматолозите, и кај луѓето со темен тен може да се појави рак на кожа, особено ако се изложени подолго време без заштита. Штетните ефекти на УВ зраците врз очите и имуниот систем важат за сите, без разлика на бојата на кожата.
Сонцето е корисно, но само ако сме внимателни. Заштитете се и не дозволувајте да ве залаже пријатното време.