„Јас сум само обичен будистички монах и обично не учествувам во роденденски прослави“, рече Далај Лама, кој претходниот ден изјави дека се надева дека ќе живее уште 30 до 40 години.
Духовниот водач на Тибетанците испрати широка насмевка кон илјадниците верници пред почетокот на молитвите.
Молитвите на будистичките монаси одекнуваа во манастирот Меклауд Гандж, на северот од Индија, каде што Далај Лама го поминува поголемиот дел од времето откако побегна од кинеската репресија во 1959 година во Ласа, Тибет. Роденденот на Далај Лама означува и крај на неделата полна со прослави организирани во негова чест.
Далај Лама е еден од најпопуларните верски лидери во светот, почитуван по својот хумор и духовни учења.
За време на прославите, неминовно беше отворањето на тешката тема за тоа што ќе се случи по неговата смрт, особено поради кинеските намери да го одредат неговиот наследник. Во средата тој потврди дека институцијата Далај Лама ќе продолжи, што предизвика силна реакција од Пекинг, кој соопшти дека секој именуван наследник мора да биде одобрен од кинеската централна влада.
Сегашниот Далај Лама истакна дека неговиот наследник ќе биде „роден во слободен свет“.
Тој потврди дека наследникот ќе биде избран по неговата смрт, со цел да се обезбеди континуитетот на духовното водство на тибетската заедница. Повторно нагласи дека одговорноста за именувањето наследник е исклучиво на членовите на фондацијата Гаденг Подранг, канцеларијата на неговото светост Далај Лама, и дека никој друг нема право да се меша во тоа прашање.
„Иако е важно да се работи на материјалниот развој, клучно е да се концентрираме на духовниот мир, да го негуваме доброто срце и да покажуваме сочувство не само кон блиските, туку и кон целиот свет“, рече Далај Лама додавајќи дека со тоа ќе придонесеме светот да стане подобро место.
По повод роденденот, честитки му упатија индискиот премиер Нарендра Моди и шефот на американската дипломатија Марко Рубио, кој во соопштението истакна дека Вашингтон „е посветен на промовирање на почитувањето на човековите права и основните слободи на Тибетанците“.