Уште далечната 1972 година, научници од угледниот американски универзитет MIT (Масачусетс Институт за Технологија) објавиле студија со наслов Граници на растот (The Limits to Growth). Истражувањето било нарачано од Римскиот клуб, меѓународна организација која обединува научници, економисти и политичари загрижени за одржливоста на глобалниот економски и демографски развој.
Авторите на студијата – Донела и Денис Медоуз, Јурген Рандерс и Вилијам Беренс III – користеле тогаш револуционерен компјутерски модел World3, со кој симулирале меѓусебни односи помеѓу растот на популацијата, индустријата, потрошувачката на ресурси и загадувањето до 2100 година. Книгата е преведена на повеќе од 30 јазици и е продадена во над 30 милиони примероци.
Проекцијата прикажала неколку сценарија, во зависност од тоа дали и како човештвото ќе реагира на ограничувањата на растот.
Најважнoто и најпознато е сценариото во кое политиките и бизнисот продолжуваат како досега, т.н. „бизнис како и обично“ (BAU). Според тој модел, ако продолжи експоненцијалниот раст на потрошувачката на ресурси, индустријата и популацијата, помеѓу 2030 и 2050 година ќе дојде до нагол колапс.
Што е моделот World3?
World3 е модел на динамички системи за компјутерска симулација на меѓудејството на пет варијабли: раст на популацијата, индустријализација, загадување, производство на храна и потрошувачка на необновливи ресурси. Комбинирајќи ги овие податоци, научниците предвиделе дека, без значајни промени во глобалните политики и човечкото однесување, цивилизацијата неизбежно се движи кон колапс.
Моделот подоцна повеќепати бил надградуван и усовршуван.
Што сè предвидела студијата?
Студијата идентификувала неколку клучни фактори кои можат да доведат до колапс:
Исцрпување на необновливите ресурси: Неодржлива потрошувачка на ресурси како фосилни горива и минерали може да го намали индустриското производство и економскиот раст. Прекумерно загадување: Натрупување на загадување, вклучително и стакленички гасови, може да предизвика сериозни еколошки проблеми, како климатски промени кои негативно влијаат на земјоделството и здравјето. Пренаселеност: Растот на популацијата ја зголемува побарувачката за ресурси и услуги, што ги оптоварува екосистемите и инфраструктурата. Пад на земјоделското производство: Деградација на земјиштето, губење на биодиверзитетот и климатските промени можат да ги намалат капацитетите за производство на храна, што води до недостиг и раст на цени.
Иако авторите нагласувале дека нивните предвидувања не се пророштва, туку предупредувања за можни насоки на развој, студијата предизвикала силни реакции. Некои научници и политички кругови ги сфатиле резултатите сериозно, но многу медиуми, бизнисмени и економисти ја исмеале, особено во 1970-тите.
Критичарите тврделе дека моделите се премногу поедноставени, го игнорираат човечкиот иновациски капацитет и адаптибилноста, и дека се базираат на „катастрофичен“ пристап.
Еден од најгласните критичари бил економистот Џулијан Сајмон, кој тврдeл дека основните концепти се погрешни бидејќи дефиницијата на ресурсите се менува со текот на времето. Како пример ја навел дрвесината – која била клучен материјал за бродови до 1800-тите, кога била заменета со железо – и потсетил дека уште во 16. век постоеле стравувања за недостиг на дрво.
Со текот на времето, бројни студии ја потврдиле точноста на оригиналната анализа.
Во 1992 година, авторите објавиле ажурирана верзија Beyond the Limits, која покажала дека многу проекции се остваруваат. Во 2004 излезе ново издание Limits to Growth: The 30-Year Update, кое покажало дека реалните податоци го следат најлошото сценарио – BAU. Донела Медоуз и соработниците тогаш предупредиле:
„Без значајни промени, колапсот ќе се случи околу 2040 година, а неговите знаци се насекаде околу нас.“
Наведени се: Пораст на нивото на морето од 10–20 см од 1900 година, повлекување на глечерите, намалување на арктичкиот мраз, над 45% од светското население во 1998 живеело со помалку од 2 долара дневно, најбогатите 20% контролирале 85% од светскиот БДП, во 2002 FAO проценил дека 75% од светските риболовни зони биле прекумерно искористени. Првата глобална проценка на ерозија на почвата покажала дека 38% од земјоделското земјиште било деградирано. Во 54 земји од 1990 до 2001 бил забележан пад на БДП по глава на жител.
Во 2014, Римскиот клуб објавил извештај под водство на Уго Барди, кој повторно ги потврдил претходните наоди и ја нагласил важноста од премин кон циркуларна економија.
Во 2020 година, економистката Гаја Херингтон од KPMG спровела независна анализа и заклучила дека оригиналните предвидувања се „запрепастувачки точни“ и дека светот сè уште се движи кон BAU сценариото.
Во 2023, професорот Арјуна Небел од Техничкиот универзитет во Келн и член на Институтот за обновливи извори на енергија (CIRE), заедно со соработници, ги ажурирал параметрите на моделот World3 со емпириски податоци до 2022 година. Резултатите повторно укажале на сценарио на надминување и колапс во наредните децении.
На крај, во 2024 MIT и LADbible спровеле најнови анализи кои потврдиле: ако не се случи голема промена, колапсот ќе дојде околу 2040 година, со сериозни економски и општествени последици.