Црна Гора меѓу земјите кои сакаат да воведат менструално отсуство

Законското решение за менструално отсуство го предложи независната пратеничка Јевросима Пејовиќ.

Црна Гора би можела да стане втората европска земја – по Шпанија – која ќе им овозможи на жените право на дводневно менструално отсуство. Ова е наменето за вработени жени кои имаат многу болни менструации, односно дијагностицирана секундарна дисменореја.

Ова законско право – доколку биде усвоено од страна на Собранието на Црна Гора – би им го олеснило животот на жени како Марија, која повеќепати годишно поради болки отсуствувала од работа.

Законското решение за менструално отсуство го предложи независната пратеничка Јевросима Пејовиќ.

Привремената спреченост за работа поради секундарна дисменореја би ја утврдувал специјалист лекар. Секундарната дисменореја подразбира болни симптоми предизвикани од веќе дијагностицирана гинеколошка патологија, како што се миоми, полипи и слично.

Од Министерството за здравство и Клиничкиот центар на Црна Гора не одговориле колку жени имаат дијагностицирана секундарна дисменореја. Пратеничката Пејовиќ смета дека воведувањето на оваа мерка би имало и пошироко општествено-здравствено значење.

Таа се надева на поддршка од сите пратеници во Собранието на Црна Гора, особено од пратеничките и изјави дека некои нив имале дилеми во врска со процентот на популација на која ќе се однесува правото на дводневно платено отсуство и како тоа ќе влијае врз економијата.

Сепак, како што истакна, тоа заболување погодува околу 10 проценти од женската популација, и смета дека нема значително да влијае на економијата. Од Женскиот клуб на Собранието не одговориле на прашањето на РСЕ дали ја поддржуваат иницијативата на пратеничката.

Собранискиот Истражувачки центар подготви анализа за менструалното отсуство во Европската унија за потребите на законскиот предлог. Во анализата се истакнува дека тоа не постои во законодавството на ЕУ, но дека како дел од родовата еднаквост може да се потпре на вредностите содржани во правните тековини на Унијата. Владата лани не ја поддржа сличната иницијатива на Центарот за женски права.

Шпанија – прва во Европа

Единствената европска држава која го воведе менструалното отсуство во своето законодавство со цел воспоставување рамнотежа меѓу здравјето и работата е Шпанија.

„Жените повеќе нема да мора да ја прават менструацијата невидлива, да земаат апчиња за да работат или да умираат од болки преправајќи се дека сè е во ред“, порача тогашната министерка за еднаквост, Ирене Монтеро.

Во таа земја со 48 милиони жители, според официјалната статистика, менструалното отсуство дневно го користат помалку од пет жени.

Сличен предлог се најде пред италијанските пратеници двапати во последната деценија. Првиот – од 2016 година – се однесуваше само на вработени жени и дозволуваше до три дена отсуство од работа. Вториот – од 2023 година – сè уште е во процедура, а покрај вработените жени се однесува и на ученички и дозволува до два дена отсуство.

Истражување во Холандија покажало дека поголемиот дел од жените ја поддржуваат можноста за вакво отсуство, но стравуваат дека тоа би можело негативно да влијае на нивната кариера.

Источна Азија децении пред Европа

Додека европските земји ја разгледуваат можноста за менструално отсуство, тоа со децении е практика во повеќе земји од Источна Азија. Во Јапонија правото на менструално отсуство постои речиси осум децении, а во соседна Јужна Кореја речиси две и пол децении.

Ова право е воведено и во Индонезија, Тајван и повеќе кинески провинции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни