ЦИВИЛ со европски партнери во борба против дезинформации и популизам

Неколку водечки европски организации и иницијативи издадоа заедничка изјава со повик за итна акција за одбрана на медиумските слободи и спротивставување на дезинформациите во Европа.

 ЦИВИЛ е една од шесте организации потписнички на Изјавата, со наслов „На раскрсница: Одбраната на медиумските слободи започнува во Источна Европа“.

Организациите предупредуваат на растечките закани од популистички движења, руската хибридна војна и нерегулираните дигитални платформи.

Изјавата беше презентирана на 3 септември за време на снимањето на специјален подкаст и е заеднички поддржана од: Медија дијалог, Германска унија на новинари, Нов европски форум на народите, Глобална иницијатива за одбрана на демократијата, Вестминстерска алијанса за Украина и ЦИВИЛ – Центар за слобода.

На панелот учествуваше и Првиот секретар на Националното здружение на новинарите на Украина (NUJU), со витални информации од земјата која е во самиот центар на руската агресија.

Клучни предизвици

Слободата на медиумите под притисок: Популистичките сили низ Европа го поткопуваат новинарството со ограничување на правата, зголемен притисок врз новинарите и ускратување на поддршка за независните медиуми во дигиталната ера.

Руска хибридна војна: Без силно и независно новинарство, граѓанките и граѓаните остануваат ранливи на дезинформации и пропагандни кампањи, особено од Русија и други авторитарни актери.

Алармантни трендови во Источна Европа: Изјавата ги потенцира претстојните избори во Чешка во октомври, предупредувајќи на состојбите со Унгарија и Словачка, каде популистичките влади веќе ја ограничуваат медиумската слобода и граѓанските права.

Повик за акција

Потписниците ги повикуваат европските влади, парламенти, Европскиот парламент и Европската комисија да:

  • одолеат на популистичкиот притисок и заплашувања;
  • ги зајакнат медиумските слободи низ Европа;
  • ја надградат ЕМФА и анти-SLAPP регулативата со долгорочна поддршка за независното новинарство;
  • преземат конкретни чекори за воспоставување функционален европски медиумски пазар со платформи и дигитален суверенитет.

Визија за европските медиуми

Изјавата нагласува дека одбраната на медиумската слобода сама по себе не е доволна. Европа мора да создаде независна дигитална инфраструктура – пребарувачи, социјални мрежи и алатки – независни од влијанието на технолошките гиганти од САД, Комунистичката партија на Кина и од Кремљ.

Потписници:

Медија дијалог (Media Dialogue)
Германска унија на новинари (Deutscher Journalisten-Verband, DJV)
Нов европски форум на народите (New European People’s Forum)
Глобална иницијатива за одбрана на демократијата (Defending Democracy Global Initiative)
Вестминстерска алијанса за Украина (Westminster Alliance for Ukraine)
ЦИВИЛ – Центар за слобода

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни