Кипар повторно на врвот
Веќе традиционално, Кипар ја добива титулата за најчисти води во Европа. Според извештајот, над 99% од неговите води се со оценка „одлична“, со што ова медитеранско острово повторно се најде на првото место на листата.
Во регионот, Бугарија бележи значаен напредок, скокнувајќи за три позиции и сега се наоѓа на второто место, со 98% од водите оценети како „одлични“. Ова е добра вест за сите кои летово ќе се капат на бреговите на Црното Море.
Хрватска останува во врвот
Хрватска како една од најпопуларните летни дестинации на Балканот, се најде на петтото место, веднаш зад Кипар, Бугарија, Грција и Австрија. Водите кај Дубровник, Сплит и Истра, според EEA, се меѓу најчистите во Европа, што ја потврдува стабилната позиција на земјата како туристички бисер на Јадранот.
Албанија – туристички пораст, но со лош квалитет на водата
Иако Албанија последниве години добива сè повеќе туристи благодарение на природната убавина, ниските цени и автентичноста, водите за капење не го следат тој позитивен тренд. Само 16% од испитаните локации добиле оценка „одлично“, додека 23% се категоризирани како „лоши“, што е највисок процент на загадени плажи во Европа.
Проблемот не е само локален, туку и структурален и еколошки. Освен недоволната пречистителна инфраструктура, пластичното загадување претставува дополнителна опасност. Според извештајот на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) од 2020 година, Албанија е на трето место по количина на фрлена пластика во водите по глава на жител, веднаш по Црна Гора и Северна Македонија – дури три килограми годишно.
Што значат оценките?
EEA ги класифицира водите на четири нивоа: „одлично“, „добро“, „доволно“ и „лошо“, врз основа на микробиолошка анализа, присуство на загадувачи и приспособеност за капење. За да се добие највисока оцена, водата мора да биде чиста, без бактериски загадувања и без присуство на отпад или опасни материи.
Македонија сè уште надвор од главните анализи
Иако Северна Македонија се спомнува во извештајот на IUCN за пластично загадување, земјата не е дел од главната листа на мониторинг на води за капење од страна на EEA, бидејќи нема официјален статус на земја-членка или кандидат за овие мерења. Сепак, загриженоста за квалитетот на водата во езерските региони – особено Охрид и Дојран – сè повеќе се актуализира и кај домашните еколошки организации.
Еколошки избори за подобра иднина
Оваа анализа покажува дека изборот на дестинација за летување не треба да се заснова само на убавината на плажата, туку и на квалитетот на водата. Туристичките навики може да влијаат и на еколошката состојба на една земја. Колку повеќе патници бараат чиста, одржлива средина, толку повеќе владите ќе бидат мотивирани да инвестираат во еко-инфраструктура и заштита на природата.
За оние кои го планираат својот одмор – ова лето, најбезбедно и најчисто ќе биде во водите на Кипар, Бугарија и Хрватска. А за останатите, можеби е време да размислиме не само каде се капеме – туку и како можеме да го чуваме тоа капалиште за идните генерации.