Во време кога дигиталната технологија ги има надминато глобалните граници и го има олеснето пристапот до информации, ние луѓето, секој ден се повеќе и повеќе сме жртви на масовното ширење на дезинформации и лажни вести. Еден цитат на Марк Твен вели: „Лагата може да помине низ пола свет, додека вистината сè уште ги облака чевлите“. Иако овој цитат е доста користен во медиумски написи и разни презентации, иронијата е во тоа што тој е измислен и никогаш не постоел.
Историски гледано, во минатото немало ваков голем наплив на информации како во денешното време, кога дури и индивидуалци со Тик Ток канал се сметаат за веродостоен извор. Тогашните медиуми, биле веродостојни затоа што во нивните текстови секогаш се цитирале извори и секоја вест имала потпис од новинар, и повеќето поседувале и информации “од прва рака”. Во сегашноста, брзината со која се пренесуваат информациите, како и потребата на луѓето за итна информација, несвесно го создале феноменот на циркуларно известување. Циркуларно известување е појава, каде еден текст кружи од еден медиум во друг, и на крајот истата вест се враќа кај оригиналниот извор, кој бесрамно наведува други медиуми како извор на истата вест, а ова во нашата држава последниве години го гледаме се повеќе и повеќе.
Еден познат труд, објавен во 1998 година, лажно го поврзува вакцинирањето со аутизмот кај децата. И покрај фактот што овој труд постојано бил дискредитиран од научната заедница, тој предизвикал цело едно глобално движење против вакцинација. Последиците од овој труд резултираа со повторно појавување на смртоносни заразни болести кои практично беа исчезнати долго време низ светот. Слични известувања се појавија и за време на КОВИД пандемијата. Од друга страна, вести со доза на сатира, ако не се јасно објаснети, исто така многу лесно можат да шират дезинформации, кои исто може да создадат лоши последици за општеството. На пример, еден сатиричен текст, објавен во популарно британско списание, ги поврзувал високите трошоци за електрична енергија со тинејџерите кои играат компјутерски игри. Иако текстот бил сатира, истиот е цитиран во преку 400 сериозни научни публикации, повеќето од кои намерно или не, не ја нагласиле сатиричната намера на овој напис и дале свој придонес за луѓето да ги менуваат нивните навики како последица на не доволно истражување. Знаејќи дека медиумската писменост кај нас е многу ниска, има многу случаи кога сериозна вест знае да има сатиричен наслов, и да пренесе погрешна порака за конкретна тема. Сведоци сме на тоа што сериозни медиуми кај нас, пренесуваат сатирични статии на нивните портали, а фактот дека текстот е сатира го нагласуваат некаде на крај на текстот, со букви кои едвај се читаат, или во одреден број на случаи таа информација ја нема воопшто.
Од друга страна, за жал, живееме во време кога сајт како Википедија често се користи како веродостоен извор на информирање. Иако оваа платформа е отворена и секој од нас може да пишува на неа, текстовите од ваквите платформи често знаат да манипулираат и да дадат погрешни информации, особено кога се во прашање историски факти за одредена тема.
Унапредувањето на технологијата, иако дава можности за манипулирање, во исто време овозможува лесно се провери валидноста на секоја вест. Желбата за брзи одговори обично ја надминува потребата за темелна проверка на веста и ова често знае да не однесе до “дивите пожари” на информирањето, кои во моментот кога почнуваат да се шират, тешко се контролираат и згаснуваат.
Антидотот, лекот кој се користи против отрови, започнува со нас. Избегнувајте сензационални медиуми, обидете се да најдете извори за сомнителни информации и секогаш следете го оригиналниот извор на веста. Едноставно е! Како што научивме да ги миеме рацете за да го спречиме ширењето на бактериите, така можеме да почнеме да ги практикуваме овие чекори за да спречиме ширење на дезинформации.
Точноста на секоја информација е исто значајна како и достапноста на истата. Како корисници на модерното информирање, мора да се обидеме да го забавиме неконтролираното ширење на дезинформации. Да и дадеме шанса на вистината за брзо да ги облече чевлите и да ги фати лагите на половина пат од нивното патување низ светот.
Ваљон Салиху
Сите ставови во овој текст се лични ставови на Ваљон Салиху и не ги отсликуваат ставовите на Europe House и Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија