Богатството на шефот на Louis Vuitton порасна за 19 милијарди долари за еден ден

Богатството на францускиот милијардер и икона на луксузната индустрија, Бернар Арно, порасна за речиси 19 милијарди долари (околу 16,3 милијарди евра) за само еден ден.

Скокот е резултат на растот на акциите на неговата групација LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton, по објавата на деловните резултати кои ги надминаа пазарните очекувања, пренесува Euronews.

Силен скок на листите на најбогати луѓе

Според Bloomberg Billionaires Index, богатството на 76-годишниот бизнисмен сега изнесува 192 милијарди долари, откако вредноста на акциите на LVMH порасна за 12 проценти во средата.

Истовремено, според проценките на Forbes, нето-вредноста на Арно изнесува 181,8 милијарди долари, што го позиционира на седмото место на листата на најбогати луѓе во светот. Со овој раст, тој ја зацврсти титулата најбогат човек надвор од САД.

И покрај политичките тензии во Франција, Арно повторно е во фокусот на јавноста – делумно поради неговите критики кон економистот Габриел Зукман, кој се залага за повисоки даноци за најбогатите. Француската влада во меѓувреме бара начини да го покрие буџетскиот дефицит, кој во 2024 година изнесуваше 5,8% од БДП, додека јавниот долг достигна 113% од БДП.

Кинескиот пазар како двигател на растот

Растот на акциите на LVMH, најголемата светска групација на луксузни брендови, е поттикнат од одличните резултати во второто тримесечје, но и од сигналите дека побарувачката во Кина повторно се зајакнува, што би можело да обезбеди стабилен раст во наредниот период.

Од компанијата соопштија дека, освен во Јапонија, остатокот од азискиот пазар – предводен од Кина – покажал значително подобрување во првите девет месеци од 2025 година, во споредба со истиот период минатата година.

Иако реакцијата на инвеститорите е посмирена во однос на еуфоријата од почетокот на годината, кога акциите достигнаа рекордни 752 евра, скокот во средата беше доволен тржишната вредност на компанијата да достигне речиси 300 милијарди евра.

Со тоа, LVMH стана втората највредна јавно излистена компанија во Европа, веднаш по холандскиот производител на опрема за микрочипови ASML.

Во четврток наутро, акциите на LVMH на Париската берза останаа стабилни, покажувајќи дека пазарот ја наградува конзистентноста на групацијата во услови на глобална економска неизвесност.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни