Во наредните седум дена градот под Пелистер ќе биде домаќин на над 400 автори и уметници од целиот свет, а публиката ќе може да проследи 70 филмови во официјалната и придружните програми.

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, порача дека „Браќа Манаки“ е магија која никој не може да ја одземе: „Ние сонуваме големи платна, големи филмови. Да продолжиме следниве седум дена да сонуваме радост и љубов и да уживаме во фестивалот. Да живее ‘Браќа Манаки’!“
Ова издание е посветено и на јубилеите – 75 години од основањето на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) и 120 години од првите снимки на браќата Манаки. Во чест на овие јубилеи, беа доделени повеќе специјални признанија, меѓу кои и Златниот медал за филмскиот критичар Благоја Куновски Доре и наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија на турскиот режисер Семи Капланоглу.

Фестивалот го прогласи за отворен претседателката Гордана Силјановска Давкова, која истакна дека „снимателот е тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна“ и дека ИФФК „Браќа Манаки“ е еден од најрепрезентативните културни симболи на Македонија.
Битола повторно живее во светлината на камерата – таму каде што пред повеќе од еден век браќата Манаки ја започнаа историјата на балканската кинематографија.