Битола во знакот на филмот: „Браќа Манаки“ стартува со 70 филмови и светски имиња

Со филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза, вчера свечено беше отворено 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во наредните седум дена градот под Пелистер ќе биде домаќин на над 400 автори и уметници од целиот свет, а публиката ќе може да проследи 70 филмови во официјалната и придружните програми.

Дел од екипата на филмот „Мајка“

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, порача дека „Браќа Манаки“ е магија која никој не може да ја одземе: „Ние сонуваме големи платна, големи филмови. Да продолжиме следниве седум дена да сонуваме радост и љубов и да уживаме во фестивалот. Да живее ‘Браќа Манаки’!“

Ова издание е посветено и на јубилеите – 75 години од основањето на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) и 120 години од првите снимки на браќата Манаки. Во чест на овие јубилеи, беа доделени повеќе специјални признанија, меѓу кои и Златниот медал за филмскиот критичар Благоја Куновски Доре и наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија на турскиот режисер Семи Капланоглу.

Семи Капланоглу, годинешниот лауреат на наградата Златна камера 300

Фестивалот го прогласи за отворен претседателката Гордана Силјановска Давкова, која истакна дека „снимателот е тивок, но моќен градител на секоја филмска приказна“ и дека ИФФК „Браќа Манаки“ е еден од најрепрезентативните културни симболи на Македонија.

Битола повторно живее во светлината на камерата – таму каде што пред повеќе од еден век браќата Манаки ја започнаа историјата на балканската кинематографија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни