Бил Гејтс и уште четворица милијардери инвестираат во вештачка интелигенција за намалување на сиромаштијата во САД

Петмина американски милијардери, меѓу кои Бил Гејтс, Чарлс Кох и Стив Балмер, започнуваат нова иницијатива за зголемување на економската мобилност во САД.

Иницијативата, наречена NextLadder Ventures (NLV), има за цел да помогне на луѓе со ниски приходи преку употреба на вештачка интелигенција и други технологии.

Проектот предвидува инвестиција од над 1 милијарда долари во наредните седум години. Средствата ќе се распределуваат преку грантови, капитални вложувања и нови модели на финансирање кои не вклучуваат отстапување на сопственички удел, туку поврат преку процент од приходот.

NLV ќе соработува со AI-компанијата Anthropic, која ќе обезбедува техничка поддршка и анализа на податоци за организациите кои ќе бидат дел од иницијативата.

Меѓу првите корисници на финансирањето се платформи како CarePortal, која поврзува семејства во криза со локални ресурси, и стартапот Rasa-Legal, кој овозможува поевтини услуги за бришење на кривични досиеја.

„Целите заедници се соочуваат со распаѓање. Американскиот сон станува сè потешко достапен“, изјави Чарлс Кох. Извршниот директор на NLV, Рајан Рипл, кој самиот пораснал во сиромаштија, вели дека целта е да се отстранат бариерите за напредок за милиони Американци.

Покрај Гејтс, Кох и Балмер, во проектот се вклучени и основачот на Intuit Скот Кук и инвеститорот Џон Овердек. Овие филантропи досега имаат донирано милијарди долари за различни општествени цели, вклучително и образование, здравство и родова еднаквост.

Во следните 15 години, NLV планира да прошири своето влијание и да изгради самoodржлив пазар за технологии што помагаат на ранливите групи. Целта е до 2040 година зависноста од филантропијата значително да се намали.

Според аналитичарите, ваквиот модел претставува нов пристап во борбата против сиромаштијата, комбинирајќи технолошки иновации со социјален ангажман, при што различни политички и економски актери работат заеднички на долгорочни решенија.

Извор: Forbes.N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни