Организатори на протестот се средношколци и студенти кои најавија дека собирањето ќе започне во 18:30 часот пред старата железничка станица, од каде што ќе тргне комеморативна прошетка низ централните белградски улици, завршувајќи на плоштадот Република. Младите и претходно организираа повеќе колони од различни делови на градот, кои ќе се спојат во една поворка како симбол на заедничкиот отпор против неказнивоста и корупцијата.
Во падот на надстрешницата загинаа граѓани од различни делови на Србија, меѓу кои и едно лице од Македонија – Васко Саздовски. Истрагата што требаше да покаже кој е одговорен за неквалитетната реконструкција сè уште не донесе резултати. Против повеќето осомничени лица не е поднесено обвинение, а оние кои првично беа уапсени се пуштени да се бранат од слобода. Дури и кога беа откриени случаи на корупција поврзани со модернизацијата на пругата кон Унгарија, меѓу уапсените беа високи поранешни функционери, но и тие беа ослободени.
Дел од јавноста и експертите сметаат дека трагедијата е последица на системскиот колапс на институциите, додека претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, тврдеше дека станува збор за „планирана диверзија“ и дел од „обоена револуција“. Таквите изјави предизвикаа бурни реакции и повици за нејзина смена, но институциите останаа неми.
Протестите во Србија не се новост – според официјалните податоци од ноември лани до денес се одржале над 23.000 граѓански собири. Сепак, токму протестите по оваа трагедија станаа симбол на широка граѓанска мобилизација. Во првите редови се младите, кои од властите најавија дека ќе бараат објавување на целата документација за реконструкцијата на станицата, но и одговорност од политичарите и изведувачите.
Паралелно со барањата за правда, протестите го отворија прашањето за полициската бруталност. Низа видеа и сведоштва објавени од независни медиуми како N1 и Nova.rs документираат несразмерна употреба на сила врз демонстрантите. Наместо да овозможи мирно изразување на револтот, полицијата често прибегнува кон насилни интервенции.
Ова дополнително се надоврзува на гушењето на медиумските слободи во Србија. Независните гласила кои известуваат критички за власта се под постојан притисок – од етикетирања и дискредитации, до ограничување на нивниот пристап на терен. Така, борбата за правда по трагедијата во Нови Сад станува и борба за основни демократски вредности: слободата на изразување, правото на протест и медиумската независност.
Вечерашниот протест се очекува да биде уште еден потсетник дека трагедијата под надстрешницата во Нови Сад не е само несреќа, туку огледало на општеството во кое владеат неказнивоста и селективната правда. Граѓаните и младите кои ќе маршираат низ Белград сакаат да покажат дека нема да дозволат оваа тема да избледи и да остане заборавена во лавиринтите на корупцијата и политичките игри.