Отворањето на фестивалот е закажано за утре вечер, со проекција под отворено небо на плажата Славија – почеток на петдневна филмска авантура покрај езерото.
Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм. За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од: Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.

Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката.
Ова издание се реализира со поддршка од: Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанска амбасада, Халкбанка и Соко.