Кога Френк Синатра пеел за „градот кој никогаш не спиел“, веројатно не размислувал за економскиот поттик што раздвижениот ноќен живот може да го има врз една метролпола. Но, затоа градските власти ширум светот размислуваат и за тој аспект.
Се поголемиот број на градови низ светот бараат начини за да ја зајакнат својата ноќна економија. Околу 100 градови во овој момент имаат некаков облик на „ноќен градоначалник“ за да ги поттикнат бизнисите, пишува Би-Би-Си.
Но, поголемиот дел од тие градови, вклучувајќи ги и Лондон, Сиднеј и Њујорк не се „будни“ цела ноќ. Со други зборови, не дозволуваат баровите и ноќните клубови да останат отворени и да служат алкохол 24 часа дневно.
За разлика од нив, Монтреал – вториот град по големина во Канада, планира да воведе 24-часовен ноќен живот.
По примерот на Берлин и Токио, локалите во една населба во центарот на Монтреал ќе бидат лиценцирани да останат отворени и да служат алкохол во текот на целата ноќ.
Според локалните власти овој потег ќе им донесе милиони долари дополнителни приходи. За споредба, сега баровите и клубовите во градот мора да затворат до три часот наутро.
Монтреал ќе стане првиот град во Канада кој ќе дозволи 24 часовно пиење алкохол. Во Торонто баровите мора да затворат до два часот, додека во Ванкувер е дозволено до три часот.
Во САД, Лас Вегас и Њу Орлеанс одамна дозволуваат баровите и клубовите да работат цела ноќ, додека во Њујорк фајронт е во четири часот наутро.
На другата страна на Атлантикот, пабовите во Лондон и понатаму се затвораат во 23 часот. Во градот сепак има и неколку ноќни клубови и барови кои остануваат отворени цела ноќ, благодарејќи на флексибилните закони за лиценцирање.
„Ова е прилика за економски раст, но тоа исто така ќе ја претстави и зајакне културната сцена“ вели Ерика Алнеус, советничка од Монтреал за новиот предлог.
Во 2022 година, годишната финансика вредност на ноќниот живот во Монтреал се проценувала на 2,25 милијарди канадски долари (1,6 милијарди американски долари). Од тоа 121 милион канадски долари завршувале како даноци.
Сепак, не ја поддржуваат оваа промена сите. Дел се загрижени за безбедноста, додека други се загрижени за практичните примени, како достапноста на јавниот превоз во доцните часови.
Сопствениците на баровите пак проблемите ги гледаат поинаку.
„Во Монтреал затвораме во три часот. Луѓето се пијани во еден, а супер-пијани во три. Еден од проблемите кои ги имаме е тоа што во три наутро тоа е вистнско лудило. Ако го проширите работното време, ќе има помалку проблеми и помалку барања за превоз и полиција“ вели Лил Ноар, сопственик на бар во Монтреал.
И останатите сопственици се согласуваат дека фактот што има толку потреба од полиција е што сите барови и клубови се затвораат во три часот.
Извор: Н1