Според написот, Вучиќ од една страна повикува на дијалог и најавува „чудесни мерки“, а од друга се заканува со најстрога репресија и цензура. За сето тоа време, Европската Унија останува воздржана.
ОРФ потсетува дека протестите започнаа минатата година, а во последните месеци станаа сѐ понасилни, со повеќекратни судири меѓу демонстранти, полицијата и маскирани приврзаници на власта.
Притисок врз медиумите
Австрискиот јавен сервис известува и за сѐ поголемиот притисок врз критичките медиуми во Србија.
Вучиќ телевизиите N1 и Nova ги нарече „медиумски платформи на окупацијата“, а претходно нивното известување го означи како „чист тероризам“. Последните денови ги обвини дека учествуваат во уривање на легитимната власт и ширење „дезинформации и лаги“. На удар се најдоа и весникот „Данас“ и неделникот „Радар“, додека дел од новинарите за време на протестите беа жртви на полициско насилство.
„Да не беа медиумите кои со месеци известуваат за протестите, јавноста ќе слушаше само пропагандни приказни за успеси и најави за ‘чудесни мерки’. Вучиќ најави дека цените на основните производи ќе бидат пониски, дека кредитите ќе поевтинат и дека каматите ќе се намалат“, пренесува ОРФ, додавајќи дека пакетот мерки треба да стапи во сила од 1 септември.
„Претседател на сите српски батинаши“
ОРФ нагласува дека минатата недела власта драматично го заостри односот кон демонстрантите. Во помали градови, маскирани приврзаници на СНС биле пуштени да со сила ги „бранат“ локалните простории на партијата и да напаѓаат граѓани.
Австрискиот сервис го пренесува и насловот на неделникот „Време“: „Претседател на сите српски батинаши“. Главниот уредник Филип Шварм за „Die Presse“ изјавил дека Вучиќ се обидува „да гаси пожар со бензин“.
Некои медиуми предупредуваат дека претседателот би можел да воведе вонредна состојба за да избегне избори, а дел шпекулираат за можноста да се формира „Специјално обвинителство за борба против тероризмот“, преку кое демонстрантите и критичарите на власта би завршувале пред суд.
„Монопол на ширење насилство“
Експертот за Југоисточна Европа, Ведран Џихиќ од Австрискиот институт за меѓународна политика, за „Der Standard“ изјавил дека „државниот монопол на насилство“ во Србија се претворил во „монопол на ширење насилство“.
„И испраќањето батинашки групи од страна на СНС и јазикот на насилство во нивните медиуми покажуваат дека сегашниот принцип на власт е заснован на страв и насилство“, наведува ОРФ.
Џихиќ смета дека дошло време Европската Унија повеќе да не молчи: „Во земја кандидат за членство, вакво насилство не може да се толерира“.
Со сличен апел се јави и европратеникот Андреас Шидер од австриската СПÖ, кој порача дека ЕК мора да ја прекине „погрешната воздржаност“.
„Не сум диктатор“
Вучиќ, пак, тврди дека „не е диктатор“. За време на минатонеделната посета на австрискиот канцелар Кристијан Штокер, српскиот претседател доби поддршка за европската перспектива на земјата, но без ниту една критичка забелешка за актуелната состојба.