Во изјава дадена пред претседателската палата во главниот град Антананариво, офицер од специјалната единица CAPSAT потврди дека се суспендирани повеќе државни институции, како и уставот на земјата. „Формирано е привремено претседателско советодавно тело составено од припадници на војската и жандармеријата“, соопштија воените власти.
Претходно, долниот дом на парламентот со 130 гласа „за“ и еден неважечки глас изгласа недоверба на претседателот Раџоелина, само неколку часа откако тој се обиде со декрет да ја распушти Националната скупштина, што дополнително ја продлабочи политичката криза.
Раџоелина одбиваше да поднесе оставка, и покрај неделните масовни протести предводени од младите и поддржани од делови на војската. Од неговиот кабинет соопштија дека состанокот на парламентот бил неуставен, а донесените одлуки – „ништовни“.
Според дипломатски извори и опозициски претставници, претседателот во неделата ја напуштил земјата со француски воен авион, поради закани по неговиот живот.
Во објава на социјалната мрежа X (поранешен Твитер), Раџоелина наведе дека распуштањето на парламентот било „неопходно за враќање на редот“ и дека нови избори би можеле да се одржат најрано за 60 дена.
Протестите во Мадагаскар започнаа на 25 септември, првично поради недостиг на вода и струја, но брзо прераснаа во поширок бунт против корупцијата, лошото управување и недостигот од основни услуги.
Извор: Index.hr