Американскиот технолошки гигант Apple тврди дека Дигиталниот акт за пазари на ЕУ (DMA) се спроведува под влијание на политички агенди и дека компанијата е неправедно таргетирана од страна на европските регулатори уште од стапувањето на законот во сила на почетокот на 2023 година.
Ова тврдење веројатно ќе биде искористено од американската администрација, која веќе тврди дека американските технолошки компании се неправедно третирани од европските регулатори.
Претседателот Доналд Трамп неочекувано се закани дека ќе воведе “значителни дополнителни царини” за земјите што спроведуваат закони кои ги таргетираат американските технолошки компании, “освен ако тие дискриминаторски мерки не бидат укинати“, изјави тој кон крајот на август.
Apple: „DMA треба да се укине“
Во доставениот одговор на прашалникот на Европската комисија по повод првото ревидирање на DMA (кој беше затворен во средата), Apple изјави дека правилата треба да бидат укинати, сè додека не се создаде ново, „соодветно законско решение“.
DMA ги обврзува т.н. „вратари“ (gatekeepers) – големи технолошки компании – да следат низа правила кои имаат за цел да создадат поправедна конкуренција на дигиталниот пазар.
Во својот одговор, Apple обвинува дека:
„Комисијата била исклучително подложна на надворешни притисоци — било од жалители или од променливи политички агенди — што резултирало со непропорционален фокус врз Apple. […] Комисијата го користи DMA како оружје, при што зазема постојано непријателски став исклучиво кон Apple, што е целосно несоодветно за овој регулаторен инструмент.“
Apple и Meta веќе казнети
Во 2023 и 2024 година, Европската комисија идентификуваше седум „вратари“ под DMA Американски компании: Alphabet, Amazon, Apple, Meta и Microsoft. Кинеска компанија: ByteDance, европска платформа: Booking.com (со седиште во Холандија)
Во април 2025, Apple и Meta беа казнети поради непочитување на DMA.
Европската комисија ѝ изрече глоба од 500 милиони евра на Apple, поради тоа што им забранувала на развивачите на апликации слободно да комуницираат со корисниците и да ги упатуваат на алтернативни понуди надвор од App Store.
Истрагата покажа дека развивачите не смееле да ги информираат корисниците, бесплатно, за алтернативи надвор од продавницата на Apple.
Критики од САД
Администрацијата на Доналд Трамп жестоко ги критикува европските дигитални регулативи, вклучително и Законот за вештачка интелигенција (AI Act), Законот за дигитални услуги (DSA) и DMA.
Од Комисијата, потпретседателките Тереса Рибера и Хена Виркунун претходно годинава одговорија на писмени прашања од Конгресот на САД, тврдејќи дека DMA не ги таргетира американските компании, туку се применува неутрално врз сите платформи што се дефинирани како „вратари“.
Комисијата: Нема преговарање за обврските
Портпарол на Европската комисија изјави:
„Почитувањето на DMA не е опционално, туку обврска.“
„Компаниите-вратари, како Apple, мора да овозможат интероперабилност на уреди од трети страни со своите оперативни системи. Токму затоа, во ЕУ, благодарение на DMA, компаниите имаат право на фер конкуренција.“
DMA треба да се ревидира до мај 2026 година, а потоа ќе се прави нова ревизија на секои три години.