Ако политиката е сцена, тогаш локалните избори што штотуку ги преживеавме личеа на претстава одиграна во полупразно кино. Актерите си ги кажаа репликите, режисерите си аплаудираа меѓусебно, а публиката… па, таа во најголем дел не се ни појави. Излезноста во Скопје едвај надмина 46 проценти, што значи дека повеќе од половина од граѓаните решија дека немаат зошто да учествуваат во овој политички театар. Тоа не е само бројка — тоа е дијагноза на една демократска анемија што одамна ја фаќа државата и сега ја јаде до коска.
Политика на повлекување
Кога ќе се погледнат резултатите, сликата станува уште појасна – и поалармантна. Четирите најголеми партии не само што не успеаја да мобилизираат нови гласачи, туку изгубија огромен дел од оние што ги имаа само пред една година.
ВМРО-ДПМНЕ изгуби над 134 илјади гласа – речиси една третина од својата поддршка. СДСМ падна за скоро 29 илјади гласа, Левица за повеќе од 12 илјади, а ЗНАМ изгуби дури 32% од своето гласачко тело. Во нормални политички системи, ваквиот колективен пад би бил знак за паника. Кај нас, тоа се нарекува „изборна победа“.
Ако неважечките ливчиња беа партија, ќе беа петта политичка сила во државата: повеќе од 45.000 граѓани решија да пратат празен лист, што не е случајност, туку симболичен шамар за целокупниот политички спектар.
Победа во празна сала
Но најсилниот аргумент за слабеењето на демократијата доаѓа токму од главниот град. Во Скопје, мнозинството во Советот – составено од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ – е формирано врз основа на следниве резултати:
– ВМРО-ДПМНЕ: 81.649 гласа
– ВЛЕН: 27.337 гласа
– ЗНАМ: 5.074 гласа
Вкупно: 114.060 гласа.
Звучи како убедливо мнозинство? Се додека не се потсетиме дека во Скопје има 473.907 запишани гласачи. Со други зборови, луѓето што ќе управуваат со главниот град имаат поддршка од едвај 24% од сите гласачи. Или уште поостро: гласот на три четвртини од скопјаните не учествува во носењето политички одлуки за нивниот град.
Невидливите граѓани
Во демократија, политиката брои само оние што излегле да гласаат. Сите други едноставно не постојат. Нивните потреби не влегуваат во агендите, нивниот глас не се слуша во парламентите, нивните интереси не се бројат во коалициските математички формули. И колку и да изгледа сурово, тоа е вистината: ако не гласаш, политички не постоиш.
Но кога половина држава не постои, тогаш не зборуваме за победа – зборуваме за легитимитет на многу мало малцинство. И тоа малцинство денес ќе го води главниот град, ќе ги носи одлуките за урбанизмот, јавниот превоз, буџетите и иднината на повеќе од 400.000 луѓе кои или не се појавиле, или одбиле да изберат меѓу понудените опции.
Смртта на ентузијазмот
Партиите ќе ви кажат дека победиле. Ќе има говори за доверба, за мандати, за стабилни мнозинства. Но вистината е дека сите тие победи се добиени на бојно поле што е напуштено. Секоја партија може да се прогласи за победник кога половина од гласачите не се ни појавиле. Тоа не е победа – тоа е тивок пораз за целиот политички систем.
Изборите повеќе не се натпревар за идеи, туку тест колку луѓе сè уште се подготвени да се занимаваат со политика. А резултатот од тој тест е алармантен: довербата се топи, ентузијазмот е исчезнат, а цинизмот расте.
Се разбира, сите овие бројки се нецелосни и непотврдени. Можно е Државната изборна комисија во следните денови да најде уште неколку стотици гласови што по грешка завршиле во погрешна кутија. Можеби тоа ќе ја зголеми излезноста за половина процент и ќе донесе нова политичка пролет. А можеби не. Затоа што проблемот не е во бројачите, туку во тоа што луѓето сè помалку имаат што да бројат.