1 септември, нов почеток на учебната година

Како да го подготвите детето и себе си за првиот училишен ден?- Совети на Анастазија Наумовски, специјалист по клиничка психологија

Важно е да знаеме е дека децата немаат капацитет како возрасните за брза емоционална реакција, затоа е важно во првите денови од школската година, да не го употребуваме зборот Побрзај, леле ама си споро, ти реков да станеш порано…. бидејќи ова може дополнително да внесе стрес, вознемиреност и страв кај децата

Почетокот на учебната година не е само нов датум во календарот – тоа е значајна промена во секојдневието на семејствата. Преминот од летната слобода кон училишниот ритам носи со себе и логистички, но и емоционални предизвици, како за децата, така и за родителите. Разбирањето на овој процес е клучно за полесна адаптација и создавање посилна семејна поддршка. Денес е 1 септеври, ден за нови почетоци. Како да го направите полесен и повозбудлив за вашите деца?

– Враќањето во школските клупи знае често да предизвика низа реакции кај децата но и кај родителите. Најлесно може да се препознае ако вашето дете дава исти или слични одговори како: Остави ме, ми се спие, не ми се оди на училиште, ме боли стомачето…. Овие искази претставуваат отпор но не мора да значи отпор конкретно кон училиштето. Враќањето во секојдневната рутина, рутина која се изместила поради летниот распуст, знае да претставува ваков отпор. Најважно е барем две недели пред враќањето во училишните клупи да ги потсетиме децата на тоа што ќе се случува за две недели, да се вратат полека рутините за навремено легнување бидејќи сонот ни е секогаш една од најважните точки за здраво ментално здравје, да ги вратиме дневните рутини, вежбањето, раскажувањето како ни поминал денот и разговор во кој би се договориле родителите и децата заедно да направат заедничка активност пред да се вратат на своите дневни рутини – обаснува м-р. Анастазија Наумовски, специјалист по клиничка психологија.

Според неа, важно е да знаеме е дека децата немаат капацитет како возрасните за брза емоционална реакција, затоа е важно во првите денови од школската година, да не го употребуваме зборот Побрзај, леле ама си споро, ти реков да станеш порано…. бидејќи ова може дополнително да внесе стрес, вознемиреност и страв кај децата. Родителите можат да седнат со децата пред да легнат и да ги зборуваат последиците поради подоцнежното легнување.

– Родителите се секако тука исто важни како и децата! Здрав родител и здравите навики на родителите- се огледало на децата. Враќањето на дневните рутини, навремено станување, припрема на доручек , возење, враќање на работните обврски и ред други низи знаат да преставуваат стресен период за родителот. Затоа, како и со децата, родителот е важно да си даде време на себе да го заокружи летниот распуст со запишување на се она што следи во следниот период на почнување на школската година, квалитетен сон и секако вежбање доколку има време – вели Анастазија.

Враќањето во школските клупи не е само административен почеток, тоа е психолошки процес кој бара внимание, емпатија и подготовка. И децата и родителите имаат свои предизвици, но со заеднички напор, со постепено враќање во рутина и со отворена комуникација, овој период може да се претвори од извор на стрес во можност за раст и поврзување. Како што објаснува Анастазија, најважно е родителите да не бразаат, да не притискаат, туку да создадат услови во кои и децата и родителите ќе се чувствуваат подготвени, поддржани и сигурни.

Затоа, нека почетокот на учебната година биде повод за нови навики, нови разговори и нова стабилност — за сите членови на семејството.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни