Ана Трајковска: За мене најголем хајлајт е времето поминато со луѓето кои ми значат и ме прават среќна

Ана Трајковска е млада уметница која со своите дела и проекти на кои работи излегува од кутијата и дава една друга перспектива на она што го прикажува. Таа за себе вели дека најголемо богатство и се луѓето со кои го поминува времето, за уметноста вели дека нема уметност без храброст, а околу тоа што и е највозбудлив дел од работата, а кој најфрустрирачки прочитајте подолу во интервјуто.

Трн: Со своите проекти сакаш да ја извадиш графиката од клише и да ја поставиш просторно. Која е целта, што сакаш да постигнеш?

Ана: Графиката како техника на мултипликација, нуди можности кои другите медиуми не ги нудат, или потежок е процесот на репетиција. Сакам да постигнам една визулена реадаптација на просторот во кој изложувам, да ја изнесам графиката од очекуваното и од “рамките” на нејзините класични формати на работа.

Трн: Кој дел од твојата работа ти е највозбудлив, а кој најфрустрирачки ?

Ана Највозбудлив би кажала за мене дека секогаш е проецесот на истражување на одредена тема, и како технички да се изведе истото. За најфрустирачки, дека нема доволно часови во денот да се постигне сѐ.

Трн: Кои ти се хајлајтс од 2023?

Ана: 2023та ми беше доста активна година, би го издвоила престојот во Париз со колешката Јана Луловска во Cite des Arts и сите дружења и соработки со колегите што ги имав мината година. За мене, времето поминато со луѓето кои ми значат и ме прават среќна, ми се најголем хајлајт на годината.

Трн: Како е да се биде ангажиран уметник на повеќе места? Имаш ли фокус за работа на повеќе проекти истовремено ?

Ана: Во моментов ангажирана сум за административна работа како секретарка на ДЛУМ ( Друштво на ликовни уметници Македониа), држам вежби на факултетот за арт и дизајн на Европки универзитет и работам во книжарницата во МСУ ( Музеј на Современа уметност). Се трудам да постигнам сѐ, секако дека неизбежно е да се направи по некоја грешка, ама најбитно е да се научи од истата, да се поправи и да се продолжи понатаму.

Трн: Кој проект ти е најдраг од досегашните?

Ана: Не би одвоила посебен проект, од секој проект имам научено по нешто и имам стекнато незаменливо искуство, кое понатаму ми служело за наредниот проект. Ама како прв, секогаш на ум ми доаѓа проектот ,,Црно и бело” кој беше исто и мојата магистерска работа, изложен во домот на култура ,,Трајко Прокопиев” во Куманово. Мислам дека овој проект највеќе ми помогна и ме внесе во работата и начинот на кој што размислувам и творам сега.

Трн: За што сонуваш оваа година?

Ана: Оваа година се надевам дека планираните проекти од мината година дека ќе успеам да ги реализирам. Сонувам за поубава година за сите, со уште поголема сила и надеж за културната сцена во Македонија.

Трн: Дали успехот во уметност се врзува со смелост ?

Ана: Нема уметност без смелост, барем за мене уметноста треба да биде експериментална, провокативна и впечатлива. Исто така, најважно е за авторот да биде истраен во работата, да не се врзвува за ,,комфорт зоната” што понекогаш и може да биде добра, во зависност низ што поминува личноста во приватниот живот. Но, важен е процесот на активно размислување за проекти кои ќе го натераат авторот да се соочува со различни и непознати проблематики.

Трн: Сакаш маркантни и големи работи, судејќи по твоите изложби и проекти на кои си работила. Која е нивната порака?

Ана: Секоја изложба опфаќа различна тема. Најчесто изложбите кои ги работам се во соработка со други колеги, и претставуваат една паралела на работите што тековно се случуваат со проектот во моментот. Последните неколку изложби се врзани со односот и критиката на младиот автор во општеството и лични емотивни и трауматски искуства поврзани со менталното здравје.

Трн: Каква револуција посакуваш во уметноста?

Ана: Уметноста, пред се е една жива материја, која исто како нас луѓето, поминува низ константни промени и нови можности на изрази и создавање. На светско ниво веќе активно достигнува нови револуции, тоа што највеќе ме привлекувало во одредени дела е искреноста и реалноста на содржината на темата, исто и принципот на изјаснување на некој одреден проблем ( на пример проблемот со загадувањето ) и нудењето на опции, поточно на решението на проблемот.

Трн: Каква би била графиката за уметничката сцена кај нас?

Ана: Земајки предвид секоја година колку студенти дипломираат или магистрираат на смер графика од ФЛУ (Факултетот за ликовни уметности ) зборуваме за голем број на подготвенн и креативен кадар кој верувам дека може, и е способен да создаде солидна продукција на дела и изложби. Сцената е голема, можностите за жал се мали, ама со истрајност и работа и за жал многу жртви ( најчесто од финансиски аспект), знам дека има недопрен потенцијал, и за тоа ги охрабрувам сите колеги кои сакале, а сеуште не почнале, да се пуштат по овие креативни води. И секако, графиката не е само за графичарите, графиката е само еден медиум кој му помага на авторот да се изрази.

А за визуелниот приказ, да ја прикажам графиката за нашата уметничка сцена, тоа би го оставила како мистерија, затоа што во моментов работам на такво дело.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни