Минатата недела беше брутална за САД, а многумина се прашуваат – може ли земјата да се извлече од спиралата на омраза и насилство, анализира BBC.
По еден од најшокантните атентати во поновата американска историја, гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, ги повика граѓаните да ги смират политичките страсти. Но, речиси никој од соговорниците по убиството на Чарли Кирк не верува дека тоа ќе се случи – барем не наскоро.
Историја на поделби
Америка ретко се обединува по трагедии. Нападите на 11 септември беа исклучок – но ни тоа не траеше долго. Ни по пукањето во демократска конгресменка во Аризона пред 14 години, ни по ранувањето на републикански конгресмен за време на бејзбол натпревар пред 8 години. Ни пандемијата не ги обедини Американците – напротив, Ковид ги продлабочи поделбите.
Само неколку дена по убиството на Кирк, левицата и десницата веќе се вратија во своите идеолошки ровови: Левицата се прашува дали напаѓачот бил радикализиран онлајн, десницата зборува за можна завера
Десничарите кои го оплакуваат Кирк не кажаа ништо кога пред неколку месеци беа убиени демократска пратеничка и нејзиниот сопруг во Минесота.
Причината за тоа лежи во самиот политички систем. Кандидатите почесто победуваат кога се обраќаат на својата база, а не на центарот – како резултат на децении манипулација со изборните единици. А медиумите наградуваат екстремизам затоа што тоа носи кликови и реклами.
Редок повик на разум
Гувернерот Кокс е редок глас на разум:
„Исклучете се, тргнете се од екранот, прегрнете ја вашата фамилија, излезете надвор и направете нешто добро во заедницата.“
Тој ги нарече социјалните мрежи „рак на американското општество“.
Вал на насилство: Од 60-тите до денес
Политичкото насилство не е ново во САД. Во 60-тите беа убиени Џон Кенеди, неговиот брат Роберт и двајца водечки борци за граѓански права. Имаше обиди за атентати врз претседателите Џералд Форд и Роналд Реган.
Минатата година, претседателот Доналд Трамп преживеа атентат во Пенсилванија. Судскиот процес за друг обид во Флорида почна токму во неделата кога беше убиен Кирк.
Но денес, бојното поле е онлајн. Властникот на платформата X, Илон Маск, ја обвини „радикалната левица“ дека го слави убиството:
„Единство е невозможно со фанатици кои слават убиства.“
Трагични поделби и недостиг на дијалог
Многу млади Американци велат дека ситуацијата е неподнослива.
„Не можеш да разговараш со некој кој не се согласува со тебе политички. Тоа е трагично,“ рече 19-годишната Кајтлин Грифитс, лидерка на студентската организација на Кирковата група „Turning Point USA“.
Експертката Рејчел Клајнфелд вели:
„Како во лош брак е – никој не добива додека сите само обвинуваат. Треба нова страница.“
Аналитичарот Дејвид Друкер предупредува:
„Само претседателот може да смири вакви тензии. Но Трамп не е тој тип претседател.“
Наместо повик за смирување, Трамп рече:
„Радикалите од десно често се такви затоа што не сакаат криминал. Проблемот се радикалите од лево.“
Неговиот заменик, Стивен Милер, додаде:
„Ќе ги искорениме тие мрежи. Во име на Чарли.“
Истражувањата покажуваат дека низ децениите, најголем дел од политичките напади ги извршиле екстремно-десничарски напаѓачи.
Поуки од историјата – и нови закани
Историчарот Кен Барнс вели:
„Историјата не се повторува, но се римува.“
Иако моментот потсетува на мрачните 60-ти, денешниот дигитален свет наградува екстремизам. Поранешниот министер за одбрана Роберт Гејтс предупреди:
„Најголемите закани за САД се: Кина во подем, Русија во пад – и внатрешната поделеност.“
Американските противници го знаат тоа – и ја поттикнуваат омразата онлајн. А Американците, за жал, им го олеснуваат тоа.