Речиси и да нема човек од поранешните југословенски републики кој не слушнал за харизматичниот, но некомпетентен агент од стриповите кој живее во Њујорк, Алан Форд. Италијанскиот стрип е дело на Макс Банкер (Лучиано Секи) и Магнус (Роберто Равиола) и започнал да се издава во 1969 година.
Стрипот за Алан Форд се издавал во Франција, Данска, Бразил, но вистинскиот успех го доживува во поранешна Југославија. Тој станал ликот врз кој го обликува вкусот за култура на цела една генерација во оваа земја. Стрип јунакот Алан Форд на прв поглед нема ништо заедничко, ни со Италија, ни со Југославија. Тој е агент кој работи за разузнавачката агенција ТНТ од цвеќара во Њујорк. Заедно со неговата екипа на поеднакво неспособни и комични колеги, Форд, кој стана агент само поради грешка, со доста препреки успева да ги решава случаите.
Првите изданија на стрипот беа фоксуирани само околу агентот Форд, но подоцнежните изданија се фокусираат на целата агенција ТНТ. Агендите се некомпетентни и мрзливи, но сепак интелигентни и итри, особено кога тоа што го прават им носи некаков личен интерес. Стрипот се измева со одредени аспекти на американското оптество, вклучувајќи го и капитализмот и расизмот.
Во „родната“ Италија, Алан Форд забележува просечен успех, но неговиот стил, полн со интерни шеги и игри на зборови го направи доста популарен надвор, особено во Југославија. Се уште е тема на дебата зошто овој стрип стана толку популарен во поранешната држава, а многумина сметаат дека тоа е поради критиката која Алан Форд ја дава за општеството и општествените појави.
Критиките кон американскиот систем и капитализмот се тема која лесно и добро можела да помине во социјалистичкото југословенско општество. Едно од најпопуларните изданија во Југославија е #25 и појавувањето на антагонистот Суперхик „кој краде од сиромашните и дава на богатите“, што е комплетна спротивност на Робин Худ и на идеите врз кои беше изградена Југославија.
Во Југославија се појавил и циркулирал и лажен стрип со Алан Форд, во кој се појавувал и Јосип Броз Тито. Тито бил претставен како стар пријател на „Број 1“, лидерот на „ТНТ“. Ова издание било забрането од југословенските власти, но сепак циркулирало низ државата и уште повеќе по распадот на државата. За доброто пренесување на содржината, социјалната критика, хуморот и играта на зборови на Алан Форд, најважна алка е добриот превод. А токму преводот на хрватски, сите се согласуваат е тоа што го пропелираше овој стрип јунак да стана најпродаван на трафиките низ Југославија.
Главниот преведувач на стриповите бил Ненад Брикси, кој не само што одлично го разбирал суптилниот хумор на оригиналот, туку и креирал и одлични алтернативи на одредени игри со зборови, кои би ја изгубиле смислата доколку би биле булвално преведени. Креативниот превод придонел и за дополнително приближување на авантурите на Алан Форд и дружината до младите во Југославија, а благодарност за Брикси и неговиот успешен превод стигнал и од авторот на стрипот Макс Банкер.
„Брикси е еден од ретките преведувачи кој успешно ја претстави црната сатира на приказната на Алан Форд и цртежите“ вели Банкер.
По смртта на Брикси во 1984 година, продолжува да се издава стрипот во Југославија, а по распадот на државата се појавуваат и изданија и преводи на српски, босански, македонски и албански јазик. Македонската верзија на Алан Форд добива само 12 објавени изданија, а нивното објавување потоа застанува поради слабата продажба.
Културниот печат кој Алан Форд го остава врз општествата на ексјугословенските држави е огромен. Бендот „Прљаво казалиште“ своето име го бираат по една реченица која што се појавува во стрипот со име „Бродвеј“, додека еден од најпопуларните македонски бендови, Суперхикс, своето име го добива по антагонистот Суперхик. Филмот на Коштурица „Црна мачка, бела мачка“ има лик кој го чита Алан Форд цело време и е очигледно алтер его на Грунф. Стриповите со Алан Форд се уште се продаваат во речиси сите поранешни југословенски републики, а неговата главна премиса, дека модерниот свет е место кое не простува и е водено од дилетанти и циници, денес можеби е посилна од времето во кој е првпат објавен. Апсурдниот свет на Алан Форд и ТНТ е повеќе од само огледало на противречностите на југословенскиот живот во 70-тите години, тој се уште испраќа порака и критика за општеството и денес.