Конечна пресуда: AfD е официјално класифицирана како екстремистичка партија

Висок германски суд ја отфрли жалбата на AfD против проценката на тајната служба дека партијата е екстремно десничарска, отворајќи пат за следење со разузнавачки мерки

Германски суд ја отфрли жалбата на крајно-десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) поднесена против проценката на домашната тајна служба од мај годинава, според која AfD – во моментов втората најсилна партија во Германија по CDU – е „екстремно десничарска организација“.

Ова значи дека пресудата на регионалниот управен суд во Келн, која ја потврди класификацијата на Сојузниот уред за заштита на уставниот поредок (BfV) за AfD како „екстремистичка десничарска организација“, станува конечна.

Од регионални ограноци до целата партија

Сојузниот уред, кој е истовремено и внатрешна разузнавачка служба, на почетокот од мај ја прогласи целата партија AfD – вклучително и сега распуштениот младински огранок – за екстремно десничарска организација која преку ширење национална и расна омраза делува против уставниот поредок на Германија.

Досега, како такви беа класифицирани само одредени покраински ограноци на партијата во Саксонија, Саксонија-Анхалт и Тирингија.

Оваа класификација овозможува на BfV да го следи AfD со методи на тајните служби, како што се прислушување, набљудување и инфилтрирање со доушници.

Повеќе одбиени жалби на партијата

Судот во Минстер претходно исто така ја отфрли жалбата на партијата, наведувајќи дека биле собрани доволно докази кои укажуваат дека AfD има намера да ѝ наштети на слободната демократска држава. По таа одлука, партијата поднесе жалба до управниот суд во Лајпциг.

AfD, по последните парламентарни избори, излезе како втора најсилна партија во земјата.

Обвиненија за дискриминација и расизам

Во мај, BfV оцени дека „доминирачкиот став во партијата, кој се базира на етничко потекло, не е во согласност со демократскиот поредок во Германија“.

Се обвинува партијата дека граѓаните со мигрантско потекло од муслимански земји не ги третира како еднакви на оние кои ги смета за припадници на германскиот народ.

BfV тогаш предупреди на континуирана агитација против бегалци, муслимани и други малцинства. Функционери на AfD, се наведува, повеќепати ширеле предрасуди, користејќи изрази како „мигранти со ножеви“ или генерализирани тврдења за наводно насилно етнокултурно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни