85 години од пактот Молотов-Рибентроп со кој Нацистичка Германија и СССР ја поделија Европа на „сфери на влијание“

Изминаа 85 години од потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп, со кој беше договорено ненапаѓање помеѓу Нацистичка Германија и СССР, но и поделба на централна Европа на „зони на влијание“.
Фото: Wikimedia Commons / Public domain

Денес се навршуваат 85 години од потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп, договор помеѓу Москва и Берлин што на крај доведе до поделба на Полска и го осуди светот на шест години војна.

Од денешен аспект, јасно е дека глобалниот конфликт се подгревал со години, но исто така јасно е дека потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп е последното предавство што доведе до војната.

Во основа, пактот бил претставен како договор за ненапаѓање помеѓу Нацистичка Германија и Советскиот сојуз, но содржил и таен анекс за поделба на централна и источна европа во две посебни сфери на влијание. Романија, Полска, Литванија, Летонија, Естонија и Финска беа цел на поделба на сфери на влијанија во овој таен анекс.

 „Во случај на територијална и политичка трансформација на териториите кои припаѓаат на полската држава, границата на интересните зони на Германија и на СССР ќе се движат отприлика по течението на реките Нарев, Висла и Сан“ гласи членот.

„Прашањето дали е пожелно од заеднички интереси да се одржи независна полска држава и кои ќе бидат границите на оваа држава, ќе се разјасни само во текот на понатамошните политички настани. Во секој случај, двете влади ќе го решат ова прашање со пријателски договор“, се вели во пактот.

Формалноста на јазикот го потенцува потпишаното во овој договор, кој де факто значи дека двете страни се договориле за поделба на Полска.

Германскиот министер за надворешни работи Јоахим фон Рибентроп отпатувал за Москва на 23 август 1939 година, каде што бил пречекан од воен бенд и нацистички банери. Тој и неговиот тим со лимузини биле одведени во Кремљ.

Фото: Wikimedia Commons / Public domain

Таму, германската делегација се сретнала не само со комесарот за надворешни работи на СССР, Виачеслав Молотов, туку и Сталин. Иако не сакал средби со странски делегации, присуството на Сталин на потпишувањето на овој пакт доволно говори за неговата важност.

Напишан во две копии – на германски и на руски јазик – договорот се состои од седум членови и еден таен анекс. Откако бил потпишан, присутните прославиле со банкет.

Рибентроп се вратил во Германија следното утро и бил лично пречекан од Хитлер, кој го поздравил како „новиот Бизмарк“ поради неговата дипломатска моќ.

Иако на прва изгледа дека од овој пакт најмногу ќарил Сталин, сепак и Хитлер имал за што да се радува. СССР добиле територија како директна последица на овој пакт, но обврската за ненапаѓање значело дека откако Германија ќе го земе својот дел во Полска, ќе може да се сконцентрира на западот, без да се плаши од војна на два фронта.

И покрај огромната важност на овој пакт, сепак историјата се обидува да ги намали последиците предизвикани од овој пакт.

„Нациистичко-советскиот пакт сè уште едвај се појавува во западниот наратив; често се пренесува во еден пасус, отфрлен како отскокнување, сомнителна аномалија или фуснота на пошироката историја. Неговото значење рутински се сведува на статусот на последниот дипломатски шаховски потег пред избувнувањето на војната, без да се споменува врската помеѓу Големите сили што овој пакт ја развил“ вели историчарот Роџер Мурхаус.

Тој додава дека со овој пакт, Хитлер и Сталин пронашле заедничка цел за уништување на Полска и поништување на Версајскиот договор. Нивните два режима, кои подоцна ќе влезат во конфликт, ја дефинираат Втората светска војна, ја делат Централна Европа помеѓу нив и стојат рамо до рамо за речиси една третина од целата војна.

Соработката помеѓу Нацистите и Советите започната со пактот Молотов-Рибентроп дава гориво за првата фаза од војната и ги отвора вратите за идни договори.

Фото: Wikimedia Commons / Public domain

„Преку два експанзивни економски договори, тие тргуваа со тајни, нацрти, технологија и суровини, подмачкајќи ги тркалата на воените машини едни на други“, вели Мурхаус. „Сталин не беше пасивен или несакан неутрален во овој период, тој беше најзначајниот стратешки сојузник на Адолф Хитлер“.

Овој пакт го изненади светот, бидејќи значеше дека две спротивни идеологии, се договараат да ги стават нивните разлики настрана за нивните територијални претензии со што се наруши целиот политички и воен баланс во Европа. Потпишувањето на пактот прашањето за нова светска војна го смени од „дали“ во „кога“ таа ќе започне.

Одоговорот дојде само една недела подоцна. На 1 септември 1939 година, Германија го започна нападот на Полска. Верен на неговата макијавелистичка природа, Сталин се спротивстави на искушението да нареди сопствена инвазија на Полска, избирајќи наместо тоа да одвои време за да ја одмери реакцијата на западните сојузници на Полска.

Иако Франција и Велика Британија прогласија војна против Германија на 3 септември, можноста дека тие воено ќе нападат се виде дека е неоснована, поради што Сталин им нареди на своите сили да го освојат источниот дел од Полска на 17 септември.

Како и секогаш, Сталин имаше изговор за својот напад. Молотов му рече на полскиот амбасадор во Москва дека Сталин само им наредил на војниците да влезат во Полска поради „распадот“ на полската влада. Советскиот Сојуз, тврди Молотов, бил обврзан да испрати војници во Полска за да ги заштити народот на Украина и Белорусија.

Борејќи се со Нацистичка Германија на една страна и со СССР на друга, судбината на Полска беше запечатена и државата конечно се предаде на 6 октомври.

За сето ова, исходот беше целосно познат во моментот кога Рибентроп и Молотов го склучија својот договор – и поради оваа причина, од 2008 година, 23 август е прогласен за „Европски ден на сеќавање на жртвите на тоталитарните режими“.

Најново

Последни колумни