На 22 мај 1944 година, во околината на селото Страцин, погинува скопјанката Вера Јоциќ. Дваесет и едно годишната Вера, погинува јуришајќи на фашистичкиот окупатор, а нејзините соборци го извлекуваат нејзиното тело и го носат три дена за да не падне во рацете на непријателот.

Прогласена е за Народен херој на 20 декември 1951 година.
Нејзината смрт ја опева поетот Ацо Шопов, во епската „Очи“
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.
Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.
Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никогаш нема да стивнат и згаснат.
Последната вечер в планинското село,
кај борците беа во дрипава дреа,
со пликови жешки на стапалки тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена река
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека,
а ние сме малку – сал неколку души…”
И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со луњени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молњи!–
Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи часкум челичните зрна…
И после! И после – в последната вечер…
Јас нејќам да мислам што потаму стана!
Сал помнам те изви крвавата рана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
но гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.
А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.
А твоите очи се искреа гневно
на нивните потни, распалени лица…
Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
a секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце.