Меѓународен ден на Ромите е прослава на ромската култура и подигнување на свеста за проблемите со кои тие се соочуваат. Денот службено бил прогласен во 1990 година во Сероцк, Полска, местото каде што се одржал четвртиот Светски ромски конгрес на Меѓународната ромска унија во спомен на првата поголема меѓународна средба на ромските претставници кој бил одржан во Чесфилд крај Лондон од 7 до 12 април 1971 година. На тој конгрес била донесена одлука за ромската химна за која била избрана песната Ѓелем, ѓелем (ромски): „Одев, одев“ и одлука за знамето за кое била одбрана сино-зелена двобојка со црвена точка во средината, симбол на напредокот и движењето, но и миграција на Ромите во текот на историјата.
По повод 8 април, Меѓународниот ден на Ромите, извршниот потпретседател за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксанa Минзату, комесарот за еднаквост, подготвеност и управување со кризи, Хадја Лахбиб и комесарот за проширување, Марта Кос ја дадоа следната изјава:
„На Меѓународниот Ромски ден, го насочуваме вниманието на длабокото и вкоренето присуство од 700 години на Ромите во Европа и на нивниот придонес, што е неразделен дел од различното европско наследство. Со проценета вкупна популација од 10 до 12 милиони, од кои 6 милиони се граѓани на ЕУ, овој ден е можност да се почитува разноликоста, културата, уметноста, јазикот и придонесите на ромската заедница во европската историја и општество. Иако почитувањето на основните права и еднаквото третирање се основни темели на нашата Унија, Ромите сè уште не ги уживаат целосно овие права денес. Ромските граѓани често се соочуваат со маргинализација, а често им недостасува пристап до основни ресурси како што се чиста вода и доволна исхрана. Покрај тоа, постојаните нееднаквости во пристапот до клучни услуги – од квалитетно образование, вработување, станбени услови и здравствена заштита – се спротивни на нашите принципи на демократија и еднаквост„ се вели во изјавата.

Мораме да продолжиме да се справуваме со овие проблеми, сметаат претставниците на ЕУ.
„Со Стратешката рамка за Ромите на ЕУ за 2030, поставивме сеопфатен план за ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи конкретни цели, како што се намалување на јазот во сиромаштијата помеѓу Ромите и не-Ромите, намалување на станбената депривација за најмалку една третина или борба против образовната сегрегација за ромските деца. Оваа широка посветеност ја надминува границата на ЕУ. Со координиран пристап, Западен Балкан и Турција исто така ги прифатија овие цели и ги вградија во своите Национални стратегии за усогласување со рамката на ЕУ. Оваа мисија ќе биде целосно успешна само ако се обединиме во нашите напори. Затоа, ги повикуваме земјите-членки и нашите партнери во процесот на проширување да го интензивираат спроведувањето на нивните Национални стратешки рамки за Роми. Со интензивирање на напорите за справување со предизвиците со кои се соочуваат Ромите и постигнување конкретен напредок, можеме да изградиме фер и еднаква Европа што ќе им користи на сите нејзини граѓани. Ромските заедници заслужуваат да бидат третирани еднакво и да ги уживаат сите свои права како Европјани“ велат тие.

Ромите се најголемата малцинска заедница во Европа – со 6 милиони што живеат во ЕУ и 4 милиони во регионот на проширување (Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Украина, Молдавија и Грузија). Светската ромска унија и Советот на Европа проценуваат дека има околу 400.000 Роми кои живеат во Украина.
Првиот Светски ромски конгрес, организиран на 8 април 1971 година, постави темел за процес на колективно афирмирање на ромската заедница. Под заедничка етничка идентификација и аспирации, како историја, култура и јазик, беше утврден 8 април како Меѓународен Ромски ден.
Ромската заедница долго време се соочува со нееднаквости, социјална исклученост, дискриминација и маргинализација. 80% од Ромите се во опасност од сиромаштија, споредено со просечниот ризик од 17% во ЕУ.
Европската комисија долго време ја нагласуваше потребата од дејствување и ги повика земјите-членки во 2011 година да усвојат национални стратегии за интеграција на Ромите. Во 2020 година Европската комисија ја усвои обновената Стратешка рамка на ЕУ за Роми за еднаквост, инклузија и учество 2020-2030 како директен придонес за имплементација на Планот на акција на ЕУ против расизам 2020-2025 и како дел од обврската на претседателката фон дер Лајен за Унија на еднаквост. Комисијата двапати годишно известува за имплементацијата на овие стратегии.
Иако ситуацијата на Ромите се подобри, и во ЕУ и во регионот на проширување, Европа сè уште има долг пат да изоди за да постигне вистинска еднаквост за Ромите. Европските фондови за кохезија 2021-2027, посебно Европскиот социјален фонд Плус (ЕСФ+), Европскиот фонд за регионален развој (ЕРФР) и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (ЕЗФР) предвидуваат различни инструменти што земјите-членки можат да ги користат за да се справат со овој клучен предизвик во своите земји. Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и Инструментот за соседство, развој и меѓународна соработка (НДЦИ) исто така финансираат проекти за инклузија на Ромите во регионот на проширување.

Ромите се најбрзо растечка демографската група на Западен Балкан а нивниот удел на пазарот на труд значително ќе се зголеми во наредните години.
Преку програмата за Граѓани, еднаквост, права и вредности (CERV), Европската комисија финансира различни акции кои ја поддржуваат ромската заедница. Овие вклучуваат финансирање за проекти против антициганизмот, сеќавање на Холокаустот, вклучувајќи ги и ромските жртви, или партнерства со ромски организации на цивилното општество, меѓу другите клучни иницијативи. Други иницијативи од земјите-членки на ЕУ вклучуваат проектот ROMACT, кој има за цел да ја поттикне инклузијата на ромските заедници, проектот EQUIROM за борба против антициганизмот и дискриминацијата и промовирање еднаквост за Ромите, или проектот RomaMemory за зачувување на историјата на ромскиот Холокауст и подобрување на образовните напори и подигнување на свеста. Европската комисија ги поддржува тековните напори од земјите во процесот на проширување преку проектот за интеграција на Ромите фаза III. Проектот има за цел да им помогне на владите на Западен Балкан и Турција во спроведувањето на нивните Национални стратегии за подобро усогласување со Рамката на ЕУ за Роми 2020-2030 и напредок во исполнување на обврските за инклузија на Ромите што се преземени во текот на преговорите.
Според проценките на Светската банка, интеграцијата на Ромите на пазарот на труд може да донесе значителни економски придобивки. Во Србија, придобивките од зголемената продуктивност би изнесувала меѓу 314 милиони и 1,28 милијарди евра годишно, додека финансиските придобивки од зголемените јавни приходи и помали трошоци за социјални давачки би изнесувале меѓу 78,1 милион и 317 милиони евра годишно. Од друга страна, исклучувањето на Ромите од пазарот на труд претставува закана за фискалната одржливост на регионот.

Елвис Шакири, еден од основачите на „Ромалитико“, организација посветена на застапувањето на Ромите во Северна Македонија, годинава беше добитник на наградата Глобални шампиони во борбата против расизмот (Global Anti-Racism Champions, GARC) што ја доделува Стејт Департментот на САД. Шаќири ја доби наградата поради „неговата клучна улога во ставањето крај на бездржавјанството на Ромите и им помошта на многу Роми да се движат во сложените административни системи за пристап до социјалните услуги“. Тој во неодамнешното интервју за Трн изјави:
-Зa жал состојбата на ромскатата заедница е сè уште иста како и во изминатите 30 години. Многу малку е направено, односно има некое поместување само во делот на образование од започнувањето на Декадата за Роми, кога донесовме како држава две стратегии, така да само во тој дел има некое поместување и тоа е благодарение на стипендиите кои што се доделуваа во средно образование. И ова повторно дојде како поддршка од страна на надворешни донатори односно во тоа време Ромскиот Образовен Фонд, финансиран од Џорџ Сорос, што подоцна нашата држава го презема како јавна политика. Па така, денес имаме поголем напредок само во овој дел. Инаку мора да кажам дека благодарение на стипендирањето,се појавија голем број на генерации кои што успешно завршија високо образование и магистерски студии.
Генерално општеството, вели тој ни е етнички поделено и доминира стигмата и дискриминацијата кон Ромската заедница. Сведоци сме смета Елвис, на тоа дека во 21. век лицата сè уште немаат пристап до вода, сè уште имаме полициска бруталност, каде што полицијата претепува лица од ромска етичка припадност само поради тоа што се Роми и за тоа никој не одговара…

-Дискриминацијата во нашето општество е длабоко вкоренета. Имаме случаи на расизам и дискриминација во секое поле, а тука е и сегрегацијата во основните училишта која, за жал, е во пораст во неколку општини, изјави Елвис во интервјуто за Трн.
Реџепали Чупи е еден од оние кои имаат јасна визија за тоа каде треба да се движиме како општество и како да се справуваме со предизвиците кои се пред нас, а кои ги има многу, особено за ромската заедница. Tоj години наназад работи во делот на унапредување на правата на Ромите и гордо зборува за напредокот постигнат во многу сфери од општеството. Прогрес, вели Чупи може да се констатира во различни области, но претстои голем пат во делот на имплементација на правата на Ромите во земјава и во регионот. Во интервју за Трнтој ќе изјави:
-За жал проблемите што ги има заедницата се со векови таложени и после 20 години разговори, напори, интервенции за инклузија сè уште да не можеме да бидеме задоволни и да кажеме конкретно во некоја од областите дека да тука се затворени сите критични прашања и дека сега веќе прашањето може да се апсолвира и да продолжи понатаму во сите нормални текови. За жал, сè уште има многу проблеми, во многу области и има сеуште многу предизвици како за самата заедница, така и за државите, така и за институциите. Но евидентен е одреден прогрес кој што јас лично се надевам дека ќе продолжи со позасилено темпо- вели Чупи.
Европската комисија учествува во Ромската недела организирана од ERGO Network и домаќинувана од Европскиот парламент осми пат по ред. Оваа година настанот ќе се одржи од 7-10 април.