60% од луѓето очекуваат вештачката интелигенција позитивно да влијае врз нивното вработување

Околу 60% од испитаниците во новата анкета на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) изјавиле дека очекуваат вештачката интелигенција (ВИ) позитивно да влијае врз нивното вработување – преку отворање на работни места што денес можеби сè уште не постојат.

Иако човечкиот развој стагнира, а глобалниот напредок е во забавување, ВИ би можела да претставува нова надеж, се наведува во новиот извештај на UNDP под наслов „Прашање на избор: Луѓето и можностите во ерата на вештачката интелигенција“.

Извештајот покажува дека по пандемијата со ковид-19 човештвото бележи неочекувано слаб напредок – најмал од 1990 година. Индексот на човечки развој (HDI), кој ги мери достигнувањата во здравството, образованието и приходите, стагнира во сите региони. Дополнително, растечките економски тензии, должничките кризи и индустријализацијата без создавање работни места можат дополнително да ја влошат состојбата.

„Ако забавениот напредок од 2024 година стане новата нормалност, целите за 2030 година може да ни избегаат со децении. Тоа ќе го направи светот понесигурен и поранлив“, изјави Ахим Штајнер, администратор на UNDP.

Според анкетата:

  • 60% од испитаниците очекуваат нови работни можности благодарение на ВИ;
  • 64% сметаат дека ВИ ќе ја зголеми нивната продуктивност;
  • Само 13% се плашат дека ВИ би можела да им го одземе работното место.

Посебно позитивни се очекувањата во земјите со низок или среден HDI – 70% очекуваат зголемена продуктивност, а две третини предвидуваат дека ќе користат ВИ во образованието, здравството или на работното место во следната година.

Извештајот се залага за пристап кон ВИ кој е насочен кон човекот. И покрај медиумските стравувања од автономни машини, UNDP нагласува дека алгоритмите не можат самостојно да ги дефинираат проблемите – тие се создадени, насочени и обучени од луѓе.

„Со вистински политики и фокус на луѓето, ВИ може да биде клучен мост до нови знаења, вештини и идеи кои ќе ги оснажат сите – од земјоделци до сопственици на мали бизниси“, изјави Педро Консеисао, директор на Канцеларијата за извештаи за човечки развој.

Анкетата е спроведена на 36 јазици, со повеќе од 21.000 испитаници од 21 земја – претставувајќи 63% од светската популација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни