Џими Хендрикс

53 години мирува гитарата која ја промени рок музиката

На 18 септември 1970 година, Џими Хендрикс трагично почина во лондонскиот хотел Самарканд. Иако 27-годишникот беше во центарот на вниманието само неколку години сепак остави безвременски печат во рок музиката. Неговата виртуозна техника на гитара ќе инспирира безброј музичари, додека неговите хитови со The Jimi Hendrix Experience (вклучувајќи ги „Purple Haze“, „Hey Joe“ и „The Wind Cries Mary“) и ден денес се едни од највртените на светските радио станици.

Една недела пред неговата смрт, Хендрикс го даде своето последно интервју во неговиот апартман во хотелот Камберленд во Лондон, каде разговараше за голем број теми со Кит Алтам, новинар на Рекорд Мирор. Двајцата навлегуваат во анализи за психоделична музика, зборуваат за неговата улога на гитарски херој и многу повеќе, доловувајќи ја состојбата на умот на Хендрикс непосредно пред крајот на неговиот живот.

Денес, кај рок критичарите постои консензус дека тој е најголемиот гитарист во историјата на рок-музиката и еден од највлијателните музичари на неговото време во различни жанрови.

Хендрикс ќе остане забележан и како еден од најголемите иноватори во свирењето на електричната гитара. Така, тој претпочитал употреба на засилувачи со високо ниво на гласност и висока честота со што помогнал во распространувањето на претходно неприфатената техника на ехото од гитарскиот засилувач. Исто така, Хендрикс е заслужен за широката употреба на вах-вах педалата во рок-музиката, кои често ги користел во неговите соло изведби, особено со силно истегнување на жиците, сложено свирење гитара и употреба на легато.

Џими Хендрикс настапува на холандска телевизија во 1967 година

Како продуцент, Хендрикс ги поставил и темелите за користење на студиото за снимање како можност за проширување на неговите музички идеи. Бил меѓу првите кои експериментирале со стереофонични ефекти со промена на фази за снимање рок-музика.

Додека свирел и снимал со неговиот бенд од 1 март 1964 година до пролетта во 1965 година, Хендрикс (кој тогаш бил познат како „Морис Џејмс“) почнал да се облекува и да пушта мустаќи како Литл Ричард. Во 1966 година, Хендрикс изјавил: „Сакам со мојата гитара да го правам истото што го прави Литл Ричард со неговиот глас.“

Првата гитара на Хендрикс чинела 5 долари
На 17 декември 1951 година, кога Хендрикс имал девет години, неговите родители се развеле и оттогаш, Хендрикс само повремено се гледал со мајка му, која се разболела од цироза на црниот дроб, и починала. Хендрикс живеел во сиромашно и нестабилно семејство, заедно со татко му и со тетка му Долорес. На четиринаесетгодишна возраст ја добил првата акустична гитара, купена настаро за 5 долари од познаник на татко му.

Првата електрична гитара
Во средината на 1959 година, неговиот татко му подарил електрична гитара од марката Супро озарк 1650Ѕ (Supro Ozark). Според неговите другари од бендот во Сиетл, најголемиот дел од неговите акробатски сценски движења, вклучувајќи го и свирењето со заби и зад грб, ги научил од друг млад музичар, Рали Снајпс – „Мачо“ (Raleigh “Butch” Snipes), гитарист на локалниот бенд Шарпс (The Sharps). Самиот Хендрикс повремено го изведувал и заштитниот знак на Чак Бери – „одење како патка“(duck walk).

Потпис на Џими Хендрикс

На првата свирка Хендрикс бил избркан
Првата свирка на Хендрикс била со неименуван бенд во подрумот на една синагога, храмот De Hirsch во Сиетл. По дивото свирење и истакнување, бил отпуштен на паузата. Во 1958 година, Хендрикс станал член на групата Велветонс (Velvetones), заедно со саксофонистот Лутер Раб (Luther Rabb), пијанистот Роберт Грин (Robert Green) и други, свирејќи секој петок на забавите што се приредувале во рамките на проектот за домување „Yesler Terrace Neighborhood House“. Во Сиетл, Хендрикс учел во Garfield High School, но во 1959 година го напуштил училиштето, по што некое време се занимавал со ситен криминал. Во текот на 1960 година, Хендрикс свирел со групите Томкетс (Tomcats) и Рокинг кингс (Rocking Kings), кои имале редовни платени свирки во „Washington Hall“ и во „Birdland“.

„All Along The Watchtower” и Џими Хендрикс Експириенс
Во септември 1968 година излегол двојниот албум на Џими Хендрикс Експириенс – Electric Ladyland, кој го означил креативниот врв во кариерата на Хендрикс. Албумот бил одлично оценет од музичките критичари и постигнал голем комерцијален успех ширум светот. Паралелно со успехот на овој албум, и првиот албум на групата го пробивал својот пат во САД и на 5 октомври 1968 година, тој се искачил на петтото место на американската топ-листа. На 19 октомври, истата година, со преработката на песната на Боб Дилан (Bob Dylan) „All Along The Watchtower”, Џими Хендрикс Експириенс се искачиле меѓу првите 20 места на американската топ-листа. На 30 ноември 1968 година, песната „All Along The Watchtower” се искачила на петтото место на британската топ-листа. Утредента, со концертот во Чикаго, Џими Хендрикс Експириенс ја завршиле четиримесечната турнеја низ Северна Америка, по што, групата привремено се распаднала, бидејќи Мич Мичел и Ноел Рединг си заминале во Британија, а Хендрикс останал во Њујорк.

Инаку, малкумина знаат дека неговото вистинското име му е Џони Ален Хендрикс (Johnny Allen Hendrix), а на четиригодишна возраст му го промениле името во Џејмс Маршал Хендрикс (James Marshall Hendrix).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни