Оваа обука се спроведува како дел од активната мерка од Оперативниот план за 2025 година, која покрај превенција од пожари вклучува и активности за унапредување на животната средина, особено преку пошумување на локално ниво.
На јавниот повик се пријавиле вкупно 499 кандидати, од кои 364 се појавиле на обуката. Од нив, 352 успешно ги совладале предвидените активности и утре ќе потпишат договор за работен ангажман со Агенцијата за вработување.
„Обуката беше реализирана во тесна координација со тимови од Дирекцијата за заштита и спасување, како и со територијалните противпожарни единици во градовите каде што се одвиваше наставата. Утре, овие 352 лица ќе потпишат договори за вклучување во јавни работи, при што покрај Агенцијата, партнери се и Дирекцијата и соодветните општини што се дел од оваа мерка“, изјави Ангелов.
Новите ангажмани ќе придонесат не само за намалување на ризикот од пожари, туку и за директно вработување на граѓани на локално ниво, што, според надлежните, е клучен чекор во справувањето со климатските предизвици и економската ранливост во заедниците.