Бошко Бркиќ и Адмира Исмиќ се заљубиле во 1984 година, кога целиот свет гледаше во Сараево поради Зимските Олимписки Игри. Убиени се на 18 мај 1993 година, кога цел свет гледаше во Сараево поради воените ужаси, кога градот на Миљацка беше под опсада на босанските Срби.
Реката ги делеше завојуваните страни, а двајца тогаш 25-годишни млади, Србин и Бошњачка се обиделе да избегаат од градот. Иако нивниот премин и излез од градот, според бројни сведоштва, бил договорен со двете војски, тие тргнале од салата на Скендерија од левата страна на реката и стигнале само до мостот Врбања. Таму, во ничија земја, на дофат на слободата, беа запрени со куршуми. Нивните тела беа оставени на улица со денови бидејќи ниту една страна не презеде одговорност за смртта на двајцата невооружени цивили. Сликата од застреланата гушната двојка го обиколи светот, а до денес никој не одговара за нивната смрт.
Како што вели Сњежана Ивандиќ Нинковиќ, активистка за човекови права од Сараево, општествата на Балканот најверојатно не научиле ништо од нивната трагична љубов.
„Секоја година се одбележува годишнината од убиството, истата приказна се споменува во медиумите, но во основа ништо не се менува“, изјави таа за Би-Би-Си на српски јазик. Бошко и Адмира ја поминале првата година од опсадата на Сараево во градот, каде во тоа време бил и овој сараевчанец.
„Бев малку постар од Бошко и Адмира и имав многу пријатели кои имаа слична судбина како нив, без разлика на националноста. Многу ми е жал што оваа приказна се споменува само еднаш годишно, што стана предмет на дискусија на Интернет, па дури и се злоупотребува за политички цели“, вели Ивандиќ Нинковиќ.
Како што нагласува, сега акцентот е ставен на тоа дека Бошко бил Србин, а Адмира Бошњачка, наместо да покаже каква била судбината на сите „цивили кои тешко настрадале во војната“.
„Нивната голема љубов што ја имаа еден кон друг е најголемата човечка вредност што треба да ја негуваме, но за жал не го правиме тоа“, додава активистката.
„Љубовници лежат мртви покрај Миљацка“
На 23 мај 1993 година, Курт Шорк, новинар на Ројтерс, ја објави веста за млад пар кои лежеа убиени во Сараево веќе четири дена и никој не се осмелува да дојде и да ги собере телата бидејќи се наоѓаат во „ничија земја“, блиску до војските на двете завојувани страни. Очевидецот Дино, војник кој бил стациониран во близина, му кажал дека прво бил застрелан Бошко, а потоа Адмира, која се привлекла до него, го прегрнала и издишала.
Шорк тогаш напиша:
Дино ѕирка низ дупките во вреќи со песок што служат како ѕид на бомбардираната зграда и покажува каде лежи парот среде 14-месечната граѓанска војна во Босна. Бошко е со лицето надолу на тротоарот, десната рака несмасно свиткана зад грб. Адмира лежи до својот сакан, со левата рака преку неговиот грб. Во близина лежи уште еден труп, човек кој беше застрелан пред пет месеци. Телото на мртвиот е толку распаднато што неговата облека изгледа шупливо. Од една страна, владата вели дека српските војници пукале во двојката, но српските сили инсистираат дека одговорни се владините трупи предводени од босанските муслимани.
„Не ме интересира кој ги убил, само сакам нивните тела да се закопаат. Не сакам да гнијат на ничија земја“, рекол таткото на девојчето, Зијах Исмиќ. Мировните сили на Обединетите нации (УНПРОФОР), задолжени за обезбедување хуманитарна помош во Сараево, тврдат дека телата се локално прашање.
Во земја луда по војна, Бошко и Адмира беа луди еден по друг.
„Љубовта ги доведе до смрт. Тоа е доказ дека ова не е војна меѓу Србите и муслиманите, тоа е војна меѓу лудаци и чудовишта. Затоа нивните тела се уште се таму“, рекол таткото на Адмира.
Приказната за Бошко и Адмира толку го трогнала Шорк, што тој побарал дел од пепелта по неговиот погреб во Америка, да биде пренесена покрај гробот на Бошко и Адмира. Тој бил убиен во 2000 година во Сиера Леоне, а денес во Сараево има и улица со неговото име.
Приказната го обиколи светот, но на Балканот нема ни табла за спомен
Шетајќи по некогашниот мост на Врбања, барам каков било знак или табла што ќе го означи местото на страдањето, како што медиумите го нарекоа „сараевските Ромео и Јулија“. Не ја најдов. Од 1999 година, мостот се нарекува Мост на Олга и Суада, бидејќи Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ се сметаат за првите жртви на војната на територијата на Босна и Херцеговина кои таму ги загубиле животите. Само на градските гробишта Лав, кај Кошево, каде што по втор пат беа погребани, на надгробна плоча во облик на срце има слика на Бошко и Адмира.
„Првично, за време на војната, тие беа погребани во Лукавица, на страната што ја држат силите на босанските Срби. Имаше иницијатива да се направи табла со нивните имиња, но имаше и политизација и несогласување“, вели Сњежана Ивандиќ Нинковиќ.
„Јас лично мислам дека одлуката на родителите да се закопаат на едно место е најголемиот чин на љубов. Можевме да поставиме многу спомен-плочи во Сараево, но тогаш тоа ќе биде град на мртвите, а не град на живите“, вели таа, додавајќи дека е важно да се зачува сеќавањето на таквите приказни.
Нивната трага беше уште позаматена во Србија. Дворот на семејната куќа Бркиќ во која до лани живееја мајката и братот на Бошко е обраснат со грмушки и трева. На влезот во селото Ѓунис, кај Крушевац, покрај раскрсницата од левата страна, има влез во дворот скриен со лисја. Пајажина на прозорците и неотворени сметки за струја расфрлани по надраснатата трева покажуваат дека таму веќе некое време никој не живее. Поштенското сандаче беше отворено, а на него беше залепен сино-белиот знак на Обединетите нации. Пред неколку месеци од таа куќа во Домот за стари лица во Крушевац отишол и Бане, постариот брат на Бошко. Социјалните работници процениле дека интервјуто ќе го вознемири.
На бензинската пумпа ми кажуваат дека многу луѓе ги познавале, но дека живееле повлечено. Најмногу време со нив помина соседот Радољуб Цветковиќ Цвеле, кој ненајавено срдечно ме пречекува во неговата куќа. Како што вели тој, таткото на Бошко, Драган Бркиќ, кој почина пред распадот на Југославија, израснал во тој крај.
Работел за Обединетите нации, па оттука и налепницата во село оддалечено 17 километри од Крушевац, ми објаснува тој.
„Тој најпрвин работел во фабриката Закиќево во Крушевац, каде што бил директор, оттаму заминал во Сараево, каде ја запознал Рада и се оженил со неа. Тетка Рада беше убава жена, вистинска дама“.
Во 1970-тите, двајцата отишле во Сараево со нивните два мали сина, но редовно ги посетувале своите баба и дедо на село.
„Се сеќавам и на Бане и на Бошко, како да не се сеќавам, игравме како деца, јас бев постар од нив, тие беа деца, беа добри“, вели 66-годишниот Радослав кој се дружел со Бане во последните три децении.
Бане многу тешко ја прифатил смртта на својот брат бидејќи биле блиски и со мала разлика во години, додава тој, а не се оженил и не основал семејство.
„Бошко беше многу добар, мирен, дружељубив, дури и феноменален, а Бане беше добар, но потивок. Бошко доаѓаше тука релативно ретко, три-четири пати, таму ја најде таа девојка, се забавуваа, а Бане поминуваше повеќе време тука“, вели Цветковиќ.
Во Сараево на почетокот на војната била и мајката Рада, но по неколку месеци заминала со конвој и потоа пристигнала во околината на Крушевац.
„Бане се врати пред војната, кога почнаа барикадите во Сараево, а Бошко остана со својата девојка. Не ја запознав, ја имав видено само на слика“, вели Цвеле.
Двете семејства ја одобрија нивната љубов, додава тој.
„Така се заљубија, тој Србин, таа муслиманка, но љубовта нема граници. Тажна приказна“.
Описите дека Бошко и Адмира се „сараевските Ромео и Јулија“ биле отфрлени од нивните родители, тврдејќи дека ниту едно семејство не ја забранувало нивната љубов.
Како започна се?
Бошко и Адмира заедно оделе во Третата гимназија во Сараево. Пријателот на Бошко од Сараево, Амир Шуловиќ, сè уште јасно се сеќава како се родила таа љубов.
„Отидов во војска во Белград, а тој ми пишуваше дека се забавуваат, тоа беше за дочекот на Нова година `85. Кога тргнаа на училиште, Бошко веќе зборуваше за неа, вели: ‘таа е единствената со која може да има нормален разговор, таа е единствената нормална, другите се сите замислени“, раскажува Шуловиќ и од срце се смее.
Тој вели дека ја познавал и Адмира, од градот, се гледале на концерти, во спортските центри.
Тања Богдановиќ, најдобрата другарка на Адмира од училишните денови, која одлично ги познаваше и двајцата, за Радио Сараево раскажа како тие биле многу различни.
„Адмира се разликуваше од сите нас. Таа сакаше мотори и знаеше да поправа автомобили… беше малку дива: обично девојките се плашат од нешто, но ништо не можеше да ја исплаши Адмира“, вели таа.
Во последната предвоена 1991 година, во Босна и Херцеговина имало 2.893 бракови каде сопружниците биле од различна националност, несмасно наречени „мешовити бракови“, што е околу десет отсто од вкупниот број, пишува Време.
Во однос на бројот на вакви бракови, во Босна и Херцеговина традиционално предничат Мостар и сараевската општина Центар, со 30 отсто од вкупниот број склучени бракови, додека во цела Југославија првото место отсекогаш му припаѓало на Вуковар.
„Верувам дека тоа не беше некоја додадена вредност, тоа беше само нивото на култура и образование, знак на животот и традицијата на едено Сараево што го негуваше фактот дека ние сме пред се луѓе, а дури потоа доаѓа друг идентитет – верски или национален“, вели Сњежана Ивандиќ Нинковиќ.
Со кого луѓето ќе го делат својот живот е приватна работа, секој треба да избере за себе, а не за политичарите и „верските водачи“, вели Ивандиќ Нинковиќ.
Како што вели денеска Амир Шуловиќ, ваквите врски биле „највообичаени, реални и нормални“.
„И јас имав таков случај, само што мојата врска се распадна по реинтеграцијата на Сараево, тогаш се разделивме. Таа беше Србинка, заедно бевме од 1988 година до војната“, вели Шуловиќ.
Семејството на девојчето, додава тој, заменило стан во Вогошќа, во близина на Сараево, кој стана дел од Федерацијата на Босна и Херцеговина, за стан во Пале, кој припаднал на Република Српска. За да пренесе како изгледало предвоено Сараево, тој го користи примерот на сопствената зграда.
„На мојот кат, иако пред војната никој не броеше, муслиманите живееја во два стана, Србите во два и Хрватите во два и така целата зграда. Сега една постара муслиманка живее на мојот кат, јас, еден изнајмен, а два стана празни, нема деца“, додаде Шуловиќ.
Нивната генерација ја одбележа и доаѓањето на рокенролот, а со музиката дојде и експериментирањето со наркотици, вели тој, па дрогата си го зела данокот.
„Многу мои другари настрадаа, ‘се лизнаа’ и не се живи, ние бевме пионери во тоа што не треба, заморчиња“.
Денеска е невработен, нема доволно стаж за пензија, а поради здравјето не може да врши физичка работа. Додека разговараме преку видео повик, тој го врти телефонот за да ми покаже маса полна со лекови – тоа е неговата секојдневна терапија. Како што вели овој 57-годишник, нивната генерација е целосно уништена, а на неговото лице се гледаат браздите од минатото.
Сараево во осумдесетите: Најубавите години
На прашањето да го опише животот во Сараево во 1980-тите, Амир Шуловиќ одговори:
„Ох, тоа се најдобрите години, најдобрите години во мојот живот. Олимпијадата беше шлаг на тортата, а јас имав 18 години“, вели Шуловиќ, кој во тоа време работел и соработувал со луѓе од цела Југославија, но и од целиот свет.
Додека траеја Зимските олимписки игри, овој сараевчанец бил на планината Бјелашница и не се вратил дома бидејќи „се чувствувал добро“. Го запознал Бошко во 1975 година, кога се преселил во Кошевско брдо, живееле зграда до зграда, вели тој, покажувајќи ја раката кон прозорецот.
„Таму се запознавме како деца и бевме неразделни. Беше палав, бесно дете и фалбаџија“, вели Шуловиќ опишувајќи го палавиот, но добродушен Бошко.
Се дружеле пред зградата, играле фудбал и кошарка, а потоа како момчиња заедно оделе на летен и зимски одмор. За нив одењето на хрватското крајбрежје, особено на Пељешац, им било „како на излет“ со вреќи за спиење.
„Морето ни беше блиску, со воз можеме да стигнеме за два и пол часа. Постојано одевме и патувавме, тогаш тоа беше можно“, вели Шуловиќ.
Сараево под опсада
Амир денес живее сам во зграда која за време на војната била погодена 17 пати, а една граната го погодила и неговиот стан. За време на војната изгорела соседната зграда, на Бошко.
„До пред да почне да се пука, ние овде не бевме свесни дека ќе има војна. Без разлика кој во кого ќе пука, јас во Бошко, Бошко во мене, нема шанси, не верувавме дека може да ни се случи, можеби затоа ја плативме цената“, вели Шуловиќ.
За време на војната бил припадник на полицијата, единица за обезбедување на лица и објекти.
„Тоа успеав да го направам преку врски, кога видов дека луѓето умираат за џабе, реков да се извлечам, да не одам во војна. Го чував Претседателството и личностите, немав борбени операции“, вели Шуловиќ.
За време на војната, Бошко не сакал да биде мобилизиран од ниту една страна, извесно време живеел во стан на Адмира со нејзините родители, а еден период Амир ги земал мајка му и Бошко во својот стан.
За време на војната, луѓето кои сакаа да избегаат бараа различни начини да го направат тоа, а во тоа време мораа да платат за да излезат, вели Сњежана Ивандиќ Нинковиќ.
Три и пол години, илјадници луѓе во Сараево живееја под постојана закана од експлозии од гранати или снајперски истрели. Силите на босанските Срби пукаа врз градот од околните ридови од април 1992 година до повлекувањето по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор на крајот на 1995 година.
„Во Сараево имаше разни луѓе кои слично како што сакаа Бошко и Адмира, заминаа по среќа, го продолжија својот живот некаде далеку надвор од Босна и Херцеговина и никогаш не се вратија. Тие двајца не успеаја. Знам дека околу Сараево се зборуваше дека двајца млади лежат на мостот и има прашање кој ќе дојде да ги извади нивните тела, можам да замислам како им беше на нивните родители. Тоа е нешто што е страшно, но за време на војната имаше толку многу жртви во Сараево што Бошко и Адмира беа една таква приказна, а во истиот ден тројца мои пријатели можеби загинаа од другата страна на градот“, вели активистката.
Во најдолгата таква опсада на главниот град од Втората светска војна, повеќе од 10.000 луѓе ги загубија животите. Убиени се 1.601 дете.
Гранати и снајперски истрели, како и вести за загинати станаа секојдневие. Животот во подруми и засолништа се одвивал во отсуство на храна и вода, без струја и греење, со непопустливо чувство на апсурд, сведочат граѓаните на Сараево за Би-би-си на српски јазик.
Амир слушнал дека Бошко и Адмира ги убиле преку радио затоа што немало телефон, туку само воки-токи. Тоа беше една во морето од лоши вести што стигнаа до него во тие денови.
„Човек станува рамнодушен кога секој ден ќе слушате дека овој умрел, тој умрел, си се прашував ‘секој ден некој познат загинува, овде падна граната, па кога ќе ми дојде мене редот? Воопшто не беше изненадувачка вест, грдо е да се каже, но станува нормално“, опишува Шуловиќ.
„Одам дома, а пред зградата има локва крв, падната граната, тие грди сцени…И сега ми се враќа понекогаш, некои слики навечер, дури и лекарите не го признаваат тоа, а тоа е всушност посттрауматско нарушување“ вели тој.
Љубов која надмина се
Во изминатите три децении, за Бошко и Адмира беа напишани бројни текстови и снимени филмови и видеа. Сараевскиот бенд „Забрањено пушење“ ја испеа трагичната приказна за судбината на двајца млади кои ја ставија „љубовта пред знамињата“. Мајката на Бошко, Радмила, во една емисија изјавила дека нејзиниот син останал во Сараево поради Адмира, иако можел да замине.
„Еден од неговите пријатели му рекол ‘да излезе’, а тој запрашал ‘што ќе правам со Адмира?’, никогаш немало да ја остави. Па, така ги завршија своите животи, тој не сакаше да ја остави, а таа не сакаше да остане, а тој да замине, тоа немаше шанси да се случи“, рече Радмила и додаде дека десет чекори ги делеле од српската страна – каде што биле застрелани.
„Кај нив преовладуваше таа љубов која надвладеа сè, вклучително и војни и престрелки и сè.“
По една недела, тие беа извлечени од војниците на босанските Срби. И денеска не се знае со сигурност кој ги убил, иако се споменуваа некои имиња, но никој не беше гонет.
Шуловиќ вели дека, според неговите сознанија, не се знае кој прв пукал, но потоа настанал вистински хаос.
„Дожд од куршуми и гранати, едни велат едно, други друго. После, не гледате каде се пукало, имало масовно пукање“, вели тој.
Како што му рекле, постои и можност да не умреле прегрнати, туку војниците да ги зближиле и да ги ставиле телата едно врз друго, иако родителите со години раскажуваат поромантична верзија.
Заробени во минатото, но нормалните веруваат
Општествата на Балканот се затворија во минатото, а кога луѓето одат во Австралија или Нов Зеланд, многу лесно се венчаат и имаат односи со луѓе од различно етничко потекло или верска припадност, вели активистката за човекови права со тридецениско искуство. Сето ова води само до нови несогласувања бидејќи многумина одамна отидоа далеку и продолжија да го живеат животот како пред војната, додава тој.
За поделеност придонесуваат и политичарите, училишните системи, како и бројните медиуми кои шират дезинформации.
„Таа приказна ја раскажуваме 30 години, но не се научи и нема да се научи, бидејќи не можеме да ја промениме свеста на луѓето“.
Кога нејзината генерација прослави 30 години од матурата во Сараево, од 300 присутни поранешни средношколци, само околу педесет сè уште живеат во Сараево.
„Мислам дека ситуацијата не е подобра во Белград или Загреб, секаде има многу инсистирање да се биде етнички чист и пуритански. Важно е да веете знамиња, а не да мислите дека покрај вас живеат прекрасни луѓе кои ги делат вашите вредности и можат да бидат подобри пријатели од оние што се ваши по крв браќа“, вели Ивандиќ Нинковиќ.
Поминаа три децении, сведоците умираат и стареат, а приказната за Бошко и Адмира станува се понебулозна и нејасна. Лекциите, во најголем дел, не се научени. На прашањето дали денес луѓето веруваат во љубов во Сараево, Шуловиќ се насмевнува и вели:
„Нормалните луѓе веруваат“
Извор: BBC на српски јазик