18 лица повредени во пожарот во „Макпрогрес“

Во големиот пожар што вчера доцна попладне ја зафати фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница, повредени се вкупно 18 лица – пожарникари, доброволци и вработени во фабриката.

Дел од нив се згрижени во Општата болница во Кочани, а други се пренесени на клиниките во Скопје. Според д-р Оливера Цимбаљевиќ, раководителка на Одделението за анестезиологија и реанимација во Кочани, сите пациенти се во стабилна состојба. Кај некои се констатирани изгореници на нозете од прв и втор степен, а кај други инхалациони повреди од вдишување чад.

Пет лица се задржани на хирургија, петмина на интерно, а шест веднаш биле пренесени во Скопје поради труење со чад. Останатите биле пуштени дома по укажана лекарска помош.

Градоначалникот на Виница, Миле Петков, соопшти дека медицинска помош побарале вкупно 16 лица според податоците на Здравствениот дом во Виница, и потврди дека нивната здравствена состојба е добра.

Пожарот, кој бил пријавен во 18:40 часот, зафатил три погони и магацин на површина од околу 5.000 квадратни метри. Во гаснењето учествувале пожарникари и доброволци од повеќе градови низ источна и југоисточна Македонија.

Од Стопанската комора најавија формирање кризен штаб заедно со сопственикот на фабриката со цел целосна нормализација на состојбите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни